Пред вечерашните седници на највисоките партиски тела на СДСМ и ДУИ, неофицијално, познати се имињата на членовите на новиот владин кабинет. Во министерствата со кои ќе раководат кадри на СДСМ, досегашната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сели во ресорот образование, а на нејзината претходна позиција доаѓа Јагода Шахпаска.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во новата влада ќе биде министер без ресор задолжен за борба против корупцијата, а постои можност тој да биде и еден од вицепремиерите.

Со транспорт и врски ќе раководи Благој Бочварски, а на чело на Министерството правда ќе застане Бојан Маричиќ. Досегашниот министер за надворешни работи ќе раководи со Секретаријатот за европски прашања, а Министерството за локална самоуправа ќе го води Горан Милевски. Нова министерка за култура ќе биде Ирена Стефоска. Ресорите одбрана и здравство ќе продолжат да ги водат Радмила Шекеринска и Венко Филипче. Оливер Спасовски се враќа на чело на МВР.

Како што соопшти лидерот на Беса, Билал Касами, по попладневната средба на партнерите од коалицијата „Можеме“, оваа партија го добила ресорот земјоделство, а името на министерот ќе се знае вечерва.

ДУИ во новата влада првпат ја добива челната позиција во Министерството за надворешни работи, кое ќе го води Бујар Османи. Артан Груби ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими е новиот министер за финансии, а Насер Нуредини ќе раководи со ресорот екологија. Крешник Бектеши е новиот министер за економија. ДУИ го добива и местото вицепремиер за економски прашања, на кое ќе биде назначен Фатмир Битиќи. За Министерството за информатичко општество и администравија дополнително ќе се одлучува.