Фото: Игор Бансколиев

Јагленосаните дрвја уште со првите дождови ќе почнат да скапуваат и да паѓаат, поради што постои сериозна опасност од појава на болести, кои може да ја нападнат и здравата шума. Покрај тоа, постои реална опасност и од појава на ерозија и поплави не местата каде што до вчера имало шума, која ги превенирала ваквите појави, особено во деловите што се во близина на градови и села

Опожарените подрачја кријат нови опасности

Уште никој со сигурност не може да каже колкава е штетата од пожарите што го опустошија источниот дел од земјата, но додека службите на терен ќе утврдуваат колку тоа изнесува во бројки, пеплосаните шуми кријат нови опасности, кои може да испливаат на површина претстојнава есен.
Имено, јагленосаните дрвја уште со првите дождови ќе почнат да скапуваат и да паѓаат, поради што постои сериозна опасност од појава на болести, кои може да ја нападнат и здравата шума. Покрај тоа, постои реална опасност и од појава на ерозија и поплави на местата каде што до вчера имало шума, која ги превенирала ваквите појави, особено во деловите што се во близина на градови и села.
Дополнително, уништената шума може да влијае и врз промена на микроклимата во тие делови, што може да предизвика малку поинакви временските услови во тие делови.
Професорот Николчо Велковски од скопскиот факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Елм“, експерт за шуми, смета дека надлежните треба на почетокот на есента да започнат со работа околу санација на опожарените подрачја.
– Прво што сега треба да се направи е да се расчисти таа голема површина, сите тие дрвја брзо ќе почнат да гнијат, да паѓаат, ќе бидат нападнати од разни видови инсекти и габични заболувања и сето тоа по пожарот да не претставува дополнителна база или извор на другите ентомолошки или фитопатолошки заболувања, мора да биде санирано и исчистено. Веќе од есен, оние што управуваат со шумите мора да почнат со расчистување на тие терени и мора да се прават планови за идно пошумување на тие површини.

Несомнено, толкава голема површина нема да може наеднаш да се пошуми, меѓутоа може да се почне – вели Велковски.
Тој препорачува следното пошумување да се не се одвива брзоплето, туку плански и стручно.
– Она што би препорачал како стручно лице е да не се трча само да се пошумува, туку да се пошумува плански, стручно и издржано. Мора да се испланираат површините што треба да бидат приоритет на посадување. Тука би ги ставил пред сè оние подрачја што се ерозивни и се наоѓаат во близина на населените места и можат да претставуваат опасност од ерозија, поплави итн. Тие први треба да бидат засадени со нови шуми, а секако понатаму треба да се планираат новите делови – истакнува професорот Велковски.
Негова препорака е да се обрне внимание на видот на дрвјата што ќе се засадуваат во иднина.
– Треба да се обрне внимание и на изборот на дрвјата што ќе се садат. Факт е дека имаме сè понеповолни климатски услови, поголеми суши, па затоа треба да ги подготвуваме нашите шуми за такви непогоди. Треба да форсираме повеќе мешани шуми, шуми од автохтони видови, затоа што тие се поотпорни и помалку горат за разлика од иглолисните шуми, и на тој начин да ја намалиме или превенираме опасноста од такви големи пожари. Повеќе од јасно е дека не можеме да очекуваме дека ќе нема пожари, но она што можеме да го направиме е да ги одбереме видовите што ги засадуваме да бидат поотпорни на таквите појави и да работиме на зголемување на капацитетите на институциите за справување со таквите елементарни непогоди – порачува Велковски.

Според него, потребни се и дообука и доопремување на надлежните служби за да може рано да се интервенира при појава на пожар.
– Една од најважните мерки во борбата со пожарите е навремено и брзо интервенирање на терен – истакнува Велковски.
Тој меѓу мерките што може да придонесат за намалување на опасностите од пожари го спомена и одржувањето на таканаречените просеци меѓу шумите, кои не дозволуваат огнот брзо да се шири.
– Една од мерките е да се подели шумата со просеци, за да не изгори целосно. И на тоа треба да се размислува. Тие на многу места постојат, но мора да се одржуваат оти брзо обраснуваат и не ја вршат функцијата поради која се направени – потенцира професорот Велковски.
Според него, закони за заштита на шумите постојат, но на терен не се применуваат, па затоа препорачува поголема контрола и построга казнена политика.
– Ако државата има посилна контрола, тогаш и граѓаните ќе се однесуваат подисциплинирано и нема да ги пустошат и палат шумите, оти неоспорен факт е дека најголем дел пожари се подметнати. Оние што ги предизвикуваат таквите пожари треба соодветно да бидат казнети – заклучува професорот Велковски.