Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека еден дел од познавачите на состојбите смета дека премногу значење ѝ се дава на целата ситуација, со бегството на поранешниот премиер и се занемаруваат вистинските проблеми што ги засегаат граѓаните, другиот дел е категоричен оти треба да се одговори како избегал и чија е одговорноста

Темите од исклучителен општествен и национален интерес, какви што се уставните измени, загадувањето на воздухот, планирањето на рекордно високиот буџет за 2018 година, свесно или несвесно, деновиве во јавната дебата како да се потиснати во втор план, поради бегството на поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски, кој требаше да оди на издржување на двегодишната затворска казна. Таков впечаток делат и голем дел од познавачите на состојбите, според кои, премногу значење ѝ се дава на целата ситуација со поранешниот премиер и се занемаруваат вистинските проблеми што ги засегаат граѓаните и се дефокусира јавноста од, според нив, многу побитните теми. Се разбира, дел од експертите смета дека е битно да се разговара за Груевски и да се одговори како избегал поранешниот премиер, чии се пропустот и одговорноста…

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека случувањата со поранешниот премиер се важна тема за земјава и битно е да се одговори зошто избегал, чии се пропустот и одговорноста, а надлежните да излезат со конкретни информации.

– Реално оваа тема е актуелна и за нас, за регионот но и за ЕУ. Без разлика кој ги користи информациите и како се пренесуваат во јавноста, ова е вистинската актуелна тема. Состојбата е сериозна бидејќи не се претпоставуваше дека поранешниот премиер може да пребега во земја-членка на ЕУ, а притоа да не биде приведен и вратен дома со правосилна пресуда против него. Ваквиот чекор може да генерира посериозни проблеми во унгарското општество но и во ЕУ. Во Македонија пак може да придонесе да има други импликации во однос на прашањето на одговорноста – објаснува Муслиу.

Политичкиот аналитичар додава дека поради улогата што ја имаше Груевски во нашето општество во минатото и во моментот кога се случи неговото бегство, нормално е да биде важна вест за јавноста.

– Секако дека неговиот неочекуван чекор ги засенува проблемите дома, но нагласувам дека овој проблем и неговото решавање се битни за нас, нашата земја и нејзиниот евроатлантски пат. Македонија во наредните сто години може уште осумнаесет пати да го менува Уставот, но не смее да си дозволи да избега еден поранешен премиер, кој е правосилно осуден за корупција од институциите и да биде недостапен на органите за прогон. Токму ова е таа причина зошто другите прашања што ги засегаат граѓаните во овој момент се засенуваат – додава Муслиу.

Според него, во функција на истрагата и владеењето на правото, македонските институции треба да работат побрзо и поефикасно и да воспостават соработка со разузнавачките служби, за на крајот да се утврди одговорноста за неажурноста на македонските институции.

За политикологот Милан Стефановски помпезно се туркаат темите за Груевски со што власта ги дефокусира граѓаните од проблемите што ги мачат.

– Сосема е јасно дека информациите за промената на името се ставени во втор план за да се избегне притисокот што се трупаше во јавноста околу спогодбата од Преспа. Сакам да истакнам дека фокусот сега е свртен кон оваа вест бидејќи Владата не успеа да ги реши, ниту пак да почне да ги решава проблемите што ги мачат граѓаните, а тие се невработеноста, загадувањето, името и итн. Сѐ друго што се сервира е обична маска за да се подзаборави на целокупната одговорност, која паѓа на Владата – вели Стефановски. Во меѓувреме, од час на час се објавуваат вести во балканските медиуми за маршрутата и организацијата на бегството на Груевски. Па, така, албанските медиуми пишуваат дека Груевски во неделата на 11 ноември влегол во Албанија нелегално на граничниот премин кај Дебар, додека македонските надлежни сѐ уште не објавуваат детали.

Паралелно на ова, главниот град но и државата се соочува со енормно голем проблем со загадувањето на воздухот. Во исто време, деновиве во Собранието, во периодот што следува, се очекува уставните амандмани, со кои се предвидува и менување на уставното име, да одат на расправа во Законодавноправната комисија, по што ќе следува нова дебата. Во контекст на актуелноста што се занемарува, се и секојдневните протести пред Собранието против промената на уставното име. Се добива впечаток дека недоволно се третира и предложениот буџет за 2019 година, така што јавноста уште еднаш е исправена пред дилемата дали некој свесно ја дефокусира или, пак, поради динамиката на случувањата, јавноста веќе не е во состојба да ги процесира информациите.