Карикатура: Игор Калц

Балканот во постстуденовоеното раздобје е поприште за постојано надмудрување на неколку спротивставени геополитички актери: средноевропскиот континентализам (Германија и Австрија), рускиот евроазијанизам, турскиот неоосманизам и особено влијателниот англоамерикански атлантизам (САД и Велика Британија). До каде се тие „битки на надмудрување“ на балканското поприште, кој во моментов е „ороводецот“ и како некои локални – регионални балкански политичари, под чадорот на НАТО ги протнуваат националромантичарските идеи за територијална експанзија, размекнување, менување и прекројување на границите?

Југоистокот на Европа, според многу аналитичари, се наоѓа пред „нова пресвртница на геополитичкото прередување“. Според некои од нив, сегашната конфигурација на државите на Балканот е всушност рудимент на мировниот поредок втемелен на едно столетие старите Версајски договори. Аналитичарите исто така тврдат дека токму Балканот е на прагот на нова и многу поопасна фаза на (ре)конфигурација на односот на силите и државните ентитети на балканскиве простори.
Имено, стратегиската точка – Балкан, источната врата на Медитеранот, или како што наведува Самјуел Хантингтон „контактната зона на цивилизациите“ – западната, православната и исламската, всушност е граничното подрачје помеѓу Европа и Блискиот Исток.

Оттаму, балканскиот регион во постстуденовоеното раздобје станува поприште за постојано надмудрување на неколку спротивставени геополитички актери – средноевропскиот континентализам (Германија и Австрија), рускиот евроазијанизам, турскиот неоосманизам и особено влијателниот англоамерикански атлантизам (САД и Велика Британија).
Во тој контекст, и заложбите на НАТО (како што нагласуваат аналитичарите, англоамерикански атлантизам), посебно на заложбите на САД и Британија, се за што побргу вшмукување на земјите на Балканот во таквата евроатлантска творба, заради обезбедување предност за претстојното геополитичко и стратегиско позиционирање, заради сферата на влијание. Во таа насока, нема потреба повторно да се истакнуваат предностите што „ги дава“ Балканот од аспект на превласт на големите сили, но има потреба да се истакне како некои локални – регионални балкански политичари, во ваквата констелација ги протнуваат националромантичарските идеи за територијална експанзија, размекнување, менување и прекројување на границите и создавање (мега)државни ентитети, кои обврските кон своите патрони (големи сили), би ги извршувале поревносно и поефикасно.

Примерот на албанските политички и државни лидери во регионот е исклучително флагрантен. Имено, сѐ почести и погласни се барањата на албанските лидери за рекомпонирање на регионот, под плаштот за европски интеграции или под чадорот на НАТО. Таквото „интегрирање“ тие го толкуваат како логичен редослед на настани за нивно етничко (албанско национално) обединување, синхронизирано со западните политики во процесот на асоцирање и придружување.

Станува очигледен фактот дека албанската политика на регионално и на пошироко ниво во целиот свој распон целосно ја усогласиле со политиката на САД и најмоќните држави на Западот, но не на база на слепа послушност, умилкување и потчинување (што аналитичарите го издвојуваат како „востановена практика на сите други држави“ настанати со распадот на СФРЈ).

Со таквиот гореспоменат факт, аналитичарите се согласуваат дека албанската политика се наметна како ранмноправен партнер (со интересите на големите западни сили во регионот), и како многу влијателен регионален фактор. Исто така, неоспорен е фактот дека албанската политика водена од Тирана и од Приштина својата стратегија се обидува, а се чини и успева, да ја приспособи на своите долгогодишни стратегиски интереси, со истовремена општа согласност и поткрепа од Западот. За тоа е потребно сепак нешто повеќе од едноставно искажување верност на создадените сојузништва. Потребна е заемна доверба, која албанската политика успеа да ја изгради со САД и со сојузниците, а за тоа пак беше потребно трпение што овој народ на Балканот во голема мера го има.

Можеби политиката на официјална Тирана и Приштина во таквиот споменат контекст за нив си е легитимна, но факт е дека ваквите политички аспирации го преминуваат прагот на добрососедските односи, а, пак, со тиранската платформа веќе многу јасно (и повторно и одново) се идентификуваат стремежите на албанските раководства на соседните Албанија и Косово, но и на македонските Албанци и лидери на албанските политички партии во Македонија за деконструкција на македонската држава, односно рекомпонирање на Република Македонија онаква каква што е сега.

И така, според тие аспирации, голема е веројатноста Албанија во наредниот период најпрвин да влезе во некој вид заедница со Косово, но и со другите албански територии, на југоистокот на Европа. Тоа рекомпонирање ќе создаде нов државен ентитет со меѓународна позиција, како што истакнуваат аналитичарите, токму онаков каков што на блискоисточните простори, ја има Израел. Имено, интересна е тезата каде што аналитичарите прават паралела дека блискоисточниот простор, како и просторот на југоистокот на Европа се комплементарни целини, не само како дел од стратегиската врска на Европа со Блискиот Исток и понатаму Азија, туку и заради својата историска димензија. Двата региона биле под владеење на Османлиското Царство, имаат сличен историски развој и изразена неспособност за форматирање регионален мировен систем и планирање на иднината.

Историјата на тие простори има многу поголема улога отколку планирањето на идниот развој. Албанскиот реален поглед на сегашноста и свртеноста кон иднината, за САД и сојузниците ќе биде нужниот коректив при реконструкцијата на регионот во кој Русија има сѐ помало влијание и за кој покажува сѐ помал интерес.

Албанскиот национален корпус, кој содржи и христијани и муслимани, има исклучителна внатрешна кохезија на која не влијаат верските разлики. Исто така, не постои идеологија што би предизвикала поделба на албанскиот супстрат. Дека е тоа така покажува фактот дека еден од најистакнатите албански геополитички стратези Кочо Данај, некогаш, во време на комунистичкиот период на Енвер Хоџа, извршуваше високи функции во комунистичката партија. Денес, тој теоретски ја дефинира платформата за обединување на сите албански земји во една држава, со поткрепа на мнозинството на албанскиот народ. Единството на албанскиот корпус, без оглед на идеолошките, верските, па и клановските разлики, го чини ’рбетот на неговата геополитичка моќ и е причина за досегашните успеси и пробиви, како и залог за трансформација на Албанија во клучна сила на југоистокот на Европа. Во тој контекст аналитичарите истакнуваат дека „само единствен ентитет може да биде верен сојузник на САД, кој нема да донесува нелојални и неиздржани одлуки и да се обидува да прави пакт со други“.
Затоа, аналитичарите предвидуваат и можни сценарија дека под плаштот на НАТО-интегрирањето, ќе се редефинираат границите. Имено, дека границите во најмала рака ќе омекнат до степен на непрепознатливост дека се меѓи на државна територија, и тоа во неколку фази: прва е секако обединувањето на Албанија со Косово, потоа со Западна Македонија (Илирида), па следува интеграцијата на Албанците од југот на Србија (Дарданија), истовремено со Албанците на територијата на Црна Гора (Малесија).

Како поткрепа на сето напред кажано, аналитичарите тврдат дека и во овој момент имплементацијата на концептот на обединета Албанија се постигнува и тоа низ процесот на „вшмукување“ на целиот регион првенствено во НАТО, а потоа и во Европската Унија.

Ако навистина аналитичарите препознаваат индикатори дека „географските карти на кои се вцртуваат идните територијални промени и планови за поврат на изгубените територии се веќе на масите на големите сили“ и дека тие процеси „големите сили се обидуваат да ги прикријат под плаштот на евроатлантските интеграции“, тогаш редно е да бидеме свесни за овие сигнали и соодветно да се поставиме за процесот, кој веројатно одамна е планиран. С.Н.М