Поднесените амандмани се наша реакција на неуставноста и насилничкото носење на Деловникот од страна на СДСМ, вели Никола Мицевски, Координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој образложи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 1.350 амандмани, а вкупно од целата опозиција поднесени се 3.000 амандмани. Мицевски вели дека единствен начин за одбрана на Уставот и Деловникот во Собранието е поднесување на огромен број на амандмани за блокирање на самата седница.

– Се додека вака насилнички и неуставно се однесува власта, тоа ќе биде реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата – нагласи Мицевски.

Тој рече дека во Деловникот јасно пишува на кој начин се одржуваат седниците и во Уставот јасно стои дека присуството на самите седници на пратениците е внатре во салата.

– Онлајн Собрание во моментов не може да се одржи во Република Македонија – рече Мицевски.

Во врска со обвинувањата од власта за поднесените амандмани, тој рече дека на седницата од 18 јануари 2007 година кога ВМРО-ДПМНЕ било на власт, а СДСМ тогашна опозиција, таа поднела околу 5.000 амандмани за блокирање на Деловникот. Однесувањето на СДСМ кога се на власт и кога се во опозиција е сосема различно, додаде Мицевски.

Од друга страна, пратеникот од СДСМ Мартин Костовски смета дека поднесените амандмани од страна на опозицијата се очајни обиди за блокирање на работата на Собранието.

Тој вели дека сето она што го прави ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, но и надвор од него е дејствување спротивно на интересите на граѓаните и националните и државни интереси.

– 3.000 амандмани, најмногу од нив апсурдни и нелогични, поднесе ВМРО-ДПМНЕ заедно со другите опозициски пратеници за измените на Деловникот за работа на Собранието. Над 500 амандмани се поднесени за измените на Законот за здравствена заштита. Сето ова се очајни обиди за блокада на работата на Собранието. Ова е деструктивно дејствување спротивно на интересите на граѓаните чии претставници сме сите ние. Овој обид за блокада се надоврзува на обидите на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за поткопување на државните позиции – рече Костовски.

Дополнително тој обвини дека блокадата на Собранието е продолжение на опструкциите што ВМРО-ДПМНЕ со месеци ги прави врз здравствениот систем и борбата против коронавирусот.