Фото: Маја Јаневска-Илиева

На вчерашната седница Собранието едногласно го ратификува протоколот за членство во НАТО пред да се распушти во наредниве денови. За ратификацијата гласаа сите 114 пратеници присутни на седницата. Пред постапката за гласање на пратениците во парламентот свои различни видувања дадоа и опозицијата и власта. Пред пратениците и гостите се обрати и претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој нагласи дека со овој чекор државата е пред самиот крај на повеќедецениската определба на сите политички елити за членство во Северноатлантската алијанса. По Пендаровски, зборуваше и техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој спомена дека без храбрите договори со Грција и со Бугарија не ќе можевме да стигнеме до овој момент. Понатаму зборуваа и координатори на пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и партиските претставници, меѓу кои и Али Ахмети. Меѓу последните се обрати и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Откако 114 пратеници гласаа за ратификација, во Собранието зеде збор и в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Атила Местерхази.

Домашните аналитичари велат дека иако економските перформанси и просперитет на земјите-членки не се примарна грижа на системот на колективна безбедност на НАТО, сепак нејзината директна функција обезбедување на безбедноста има голем позитивен ефект врз политичката но и економската стабилност. Покрај тоа, како што појаснуваат тие, полноправното членство во НАТО ги дополнува институционалните рамки на економијата, владеењето на правото, ефикасните системи за управување и корпоративната безбедност на земјата итн.

Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија се надева дека со самото конституирање на сите институции во Шпанија (собраниски комисии и слично), протоколот за членство во НАТО на Македонија ќе биде ратификуван.
– Тука нема никаков спор или кочница. Едноставно, нормалната процедура е шест месеци. Но, сепак, пред извесно време, владата на шпанскиот премиер Педро Санчез побара од парламентот протоколот за прием на Македонија во НАТО (кој веќе е во процедура) да биде ратификуван по итна постапка. Оптимистички сметам дека до крајот на март 2020 година би се завршила оваа процедура – тврди Џугуманов.

Според него, НАТО е базирано на вредности и тие се во постојана коалиција на демократиите на земјите-членки. Сето тоа заедно со сите политички, воени и дипломатски предности што ги носи членството предизвикува „НАТО-ефектот“ што се создава од членството и директно влијание врз безбедноста на земјата, која, пак, понатаму е темел за просперитет и развивање на економијата.

Сличен став има и безбедносниот експерт, професорот Марјан Ѓуровски. Според него, не постои политички процес што нема економски импликации, а тоа е особено релевантно кога станува збор за интеграција на една земја во најмоќната одбранбена формација на светот.

– Очекувам најдоцна до крајот на март 2020 година да се заокружи полноправното членство во НАТО. Тоа претставува успех на сите досегашни влади и министри што дале свој придонес кон реформскиот процес и промените што ги имавме – вели професорот Ѓуровски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зелено светло од Шпанија до крајот на март?

Властите во земјава очекуваат Шпанија да го ратификува протоколот за наше членство најдоцна до втората половина во март. Според процедурите во Шпанија, предлог-законот за ратификација прво поминува во комисијата за надворешна политика, а потоа и во двата дома на парламентот, за на крајот кралот да го потврди тоа што Претставничкиот дом и Сенатот го усвоиле и законот да стапи во сила. За да се случи тоа, според македонскиот државен врв, е потребно најмалку две недели временски период. Деновиве тоа го најави и претседателот Стево Пендаровски.
– Ако сè оди според планот, кога станува збор за политичките текови, околу 10 март би требало тој процес да биде заокружен. Ќе останат само неколку технички детали што треба да ги заврши Собранието во Скопје – рече Пендаровски.
Инаку, поради чекањето на ратификацијата во Мадрид, како и почетокот на изборните активности во земјава, предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор беше донесен на една од последните седници на Владата, на 28 декември 2019 година. Договорот досега беше ратификуван од 28 членки, а откако Шпанија ќе го ратификува, тој треба да се депонира во Вашингтон, по известување од генералниот секретар Јенс Столтенберг дека целата процедура е завршена.

[email protected]