Неколку дена по изгласувањето на уставните измени во домашната јавност преовладуваат поделени чувства. Во моменти кога однадвор пристигнуваат огромен број честитки и пофалби за случувањата кај граѓаните, се чини, во најголем дел, пак, преовладуваат чувствата на гнев и огорченост и сето тоа го истакнуваат преку социјалните мрежи каде што ги осудуваат случувањата.

Меѓу многубројните честитки за истакнување е онаа на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, кој преку соопштение ги поздравува потезите за имплементација на спогодбата од Преспа.

– Овој историски договор меѓу два соседа ја отвора вратата за нови односи меѓу нив и за поцврста основа за мир и безбедност на Балканот. Со нетрпение го очекувам завршувањето на процесот како што е наведено во договорот. Како и во минатото, Обединетите нации остануваат посветени на соработката со двете страни за конечно решавање на разликата меѓу нив – се вели во пораката на Нимиц. Државниот секретар Мајк Помпео, пак, изјави дека САД ја поздравуваат одлуката на Собранието, за усвојување на уставните амандмани неопходни за ратификација на договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција.

– Македонските лидери демонстрираа визија, храброст и истрајност во настојувањето да најдат решение за спорот за името, што ќе овозможи Македонија со право да го заземе своето место во НАТО и во Европската Унија како Република Северна Македонија – се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан од името на Европската Унија му честитаа на Собранието за „круцијалниот чекор кон имплементација на Преспанскиот договор.“.

– Политичките лидери и граѓаните ја покажаа својата одлучност да ја зграпчат оваа уникатна историска можност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот и одлучно да се движат напред на патот кон ЕУ – посочуваат Могерини и Хан.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торборн Јагланд, во објава на Tвитер ја поздрави одлуката на парламентот на Република Македонија за уставните измени за името на земјата како важен придонес кон стабилноста во регионот. Слично реагира и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој преку својот профил на Твитер му честита на македонскиот премиер Зоран Заев за изгласувањето на уставните измени.

– Му честитам на премиерот Зоран Заев за гласањето во Собранието за договорот од Преспа. НАТО го поддржува целосното имплементирање на договорот, кој е важен за стабилен и напреден регион – порача Столтенберг.

Британската премиерка Тереза Меј, исто така, на Твитер напиша дека позитивното гласање за Преспанскиот договор е историски момент за Македонија.

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, преку соопштение изрази очекување дека и Грција ќе даде согласност за договорот од Преспа и оти Македонија потоа ќе стане членка на НАТО и ќе почне преговори со Европската Унија. Тој наведе дека решението на спорот за името помеѓу Скопје и Атина е на дофат. Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, на Твитер напиша дека усвојувањето на уставните измени од страна на парламентот во Скопје е многу охрабрувачки и голем чекор напред во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Тој изрази надеж дека ова создава позитивен импулс во целиот регион коментирајќи дека ЕУ ќе биде комплетна само кога сите земји на Западен Балкан ќе се приклучат. Словачката влада преку информација на националната агенција ТАСР ја поздрави промената на името и порача дека ја почитува политичката зрелост на Скопје и силниот интерес на земјата да ја искористи можноста за решавањето на 27-годишниот спор за името. Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, на Твитер напиша дека со финалното изгласување на спогодбата од Преспа, на земјата ѝ се отвора патот кон членството во ЕУ и во НАТО. Државниот врв на Косово, премиерот Рамуш Харадинај, претседателот Хашим Тачи и претседателот на Собранието, Кадри Весели, со соопштение го поздравија изгласувањето во македонското собрание, со кое Македонија му стави крај на спорот со Грција околу името на државата. Професорот на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон и експерт за Балканот, Даниел Сервер, изјави дека усвојувањето на уставните измени е витален и важен чекор кон членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, а товарот на одговорноста сега е кај Атина.

Во меѓувреме, дел од домашната јавност очигледно размислува спротивно од меѓународната заедница, а социјалните мрежи зовреа од големиот број реакции на универзитетски професори, интелектуалци и партии.
Универзитетската професорка на Правниот факултет, Тања Каракамишева, на Фејсбук напиша дека доброто во целото ова зло е што ваква национална катарза ни се случува првпат во поновата историја.

– Во овие неколку години јасно се одвои здравото од гнилото национално ткиво, здравото ќе ја води вистинската битка за Македонија, гнилото многу скоро ќе биде фрлено од стопанот како непотребно ѓубре. Македонци, битката само што почна. Со позитивна мисла и само напред. Главата горе, разум на максимум, ќе ја вратиме државата на вистински колосек. Македонија вечна! – напиша Каракамишева.

Ракометарот Столе Стоилов на својот фејсбук-профил порача дека за него државата секогаш ќе биде единствено само Македонија. Професорот на Природно-математичкиот факултет Богдан Богданов на својата страница на Фејсбук напиша дека се надева оти договорот од Преспа ќе пропадне, но истовремено ќе остане само еден прекар „Северџини“, кој ќе се однесува на поединците што се залагаа и гласаа за промена на името Македонија.

Универзитетската професорка Биљана Ванковска, пак, на својата страница на Фејсбук напиша дека легнала болна по промената на името, бидејќи цела ноќ ја оплакувала Македонија.

– Сега најдобро знам низ што минувале нашите предци, додека не ја искусиш болката, сѐ е приказна. Ни дојде и нам редот. Но, непреболот е што предавниците се од наш род, јаничари, проклетници, јуди продадени за три гроша! Нема прошка!? – напиша Ванковска.

Професорката Елка Јачева-Улчар на Фејсбук запраша дали успехов е голем.

– По дома да ти кажуваат како ќе се викаш некои туѓинци што те мразат и сакаат коренот да ти се сотре. Барем поумерени во восхитот бидете, ве молам. Не зголемувајте ја смртта и онака е голема – напиша Јачева-Улчар.

Писателот и сценарист Александар Русјаков на својот фејсбук-профил по повод актуелните случувања напиша дека тешко му доаѓа вториот ден од реалната окупација на северонацистите врз Македонија.

– Тагата во срцето боли неиздржливо. Очигледно не сум се фолирал пред себе. Ја љубам безусловно. Тоа не можат да го убијат со своите погани прсти за гласање – напиша Русјаков.

Од друга страна, осуди за случувањата стигнаа и од дел од партиите. Политичката партија Левица преку соопштение изрази револт и најостра осуда на процесот за усвојувањето на уставните измени. Од партијата бараат итно распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Јанко Бачев од Единствена Македонија преку прес-конференција му порача на претседателот Ѓорге Иванов да го поништи договорот бидејќи тој е историска неправда и предавство. Претседателката на Глас за Македонија, Солза Грчева, во свое обраќање за медиумите истакна дека со изгласувањето на уставните измени е погребена Македонија.


Заев: Да живее Република Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев, во своето обраќање, на еден ден по гласањето во парламентот за измените на Уставот во врска со договорот со Грција, им се заблагодари на пратениците за големата и одговорна одлука и на сите за, како што рече, оваа „татковинска акција“.
Тој рече дека оваа одлука ќе значи дека кон НАТО и ЕУ, Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членка, а земјата ќе биде и економски силна.
– Одлуката во парламентот е одлука против изолација, несигурност и сиромаштија, одлука што им дава сила на младите да бидат рамо до рамо со европските врсници – рече Заев.
Тој очекува договорот да биде ратификуван и од грчкиот парламент, а потоа Грција да го потпише протоколот за пристапување кон НАТО, за да бидеме 30-та членка на Алијансата.
Премиерот обраќањето го заврши со зборовите: „Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија“.


Мицкоски: Македонија е завиена во црно

Во првата изјава по усвојувањето на измените на Уставот во Собранието, лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека Македонија е завиена во црно.
Лидерот на опозицијата истакна дека ова е предавство и залудни биле фалбите и изнасилените насмевки. Тој истакна дека премиерот Заев веќе ја преименувал државата, иако договорот сѐ уште не е стапен во сила.
– Готов си Заев, сите го знаат тоа, а набрзо и ти ќе го дознаеш тоа. Оваа влада беше за едно прашање и тоа го решивте катастрофално, преку промена на името, идентитет, на сè што е македонско. Оваа задача завршува, токму затоа оваа влада толку силно ќе падне, што прашање е дали нешто ќе остане од СДСМ – рече Мицкоски.
Тој најави дека неговата партија ќе ја исправи оваа неправда, која е, како што оцени, капитулација.


Собранието ги изгласа уставните измени

Со 81 глас „за“, во петокот вечер пратениците во Собранието ги изгласаа уставните измени, односно амандманите 33 до 36, кои се обврска за Македонија според спогодбата од Преспа што беше потпишана на 17 јуни минатата година. Според Уставниот закон, кој беше исто така усвоен, овие амандмани влегуваат во сила дури откако целосно ќе стапи во сила спогодбата, односно биде ратификувана во грчкиот парламент. Според членот 1 од овој закон, амандманите нема да стапат во сила и ќе бидат неважечки ако Грција не го ратификува договорот. Откако ќе стапи во сила 33-от амандман, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, „што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните“. Придавката ќе биде „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Со 35-от амандман, Републиката гарантира дека „ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави: Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Косово и Република Србија“.
Во меѓувреме за забележување е и фактот дека македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот парламент да го ратификува договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и во НАТО. Во тој контекст, во Грција веќе почнаа превирањата, а коалицискиот партнер, претседателот на Независни Грци и министер за одбрана на Грција, Панос Каменос, по средбата со Алексис Ципрас рече дека ја напушта Владата.