Фото: Игор Бансколиев

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на негово барање, вчера во вечерните часови телефонски разговараше со холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ, којшто е предвиден да се одржи на 24 март, а на кој ќе се разгледува донесување на одлуката за отпочнување на пристапни преговори со Македонија и со Албанија.

Блок го информираше Димитров дека во писмото до холандскиот парламент, холандската влада ги споделува наодите на Европската комисија дека Владата продолжи да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година.

Блок уште еднаш истакнал дека Холандија смета оти Македонија треба безусловно да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, односно дека по донесувањето на Законот за јавно обвинителство не постојат никакви пречки за почеток на преговорите.

Димитров од своја страна ја реафирмираше заложбата на нашата земја за продолжување на зацртаниот реформски пат во однос на евроинтеграциите, а беа разменети и информации и за мерките против коронавирусот и ситуацијата на границите низ Европа.