Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден на денешната средба со премиерот Зоран Заев, на безбедносната конференција во Минхен упати силни честитки за статусот поканета земја во НАТО и изрази цврста подготвеност да ја поддржи ратификацијата на Протоколот во американскиот Конгрес и да ги охрабри парламентарните претставници на другите земји членки на НАТО да го направат тоа колку што е можно побргу.

-Бајден нагласи дека успехот на Република Северна Македонија е успех и на политиките на САД и на Европската Унија, и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога Северна Македонија ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО- соопшти владината прес-служба за средбата на Заев и Бајден, на која премиерот и членовите на владината делегација – министрите  Радмила Шекеринска и Никола Димитров, се  заблагодарија за поддршката што низ целиот процес на успешното решавање на спорот со Република Грција доаѓаше од САД и нивните највисоки претставници.

Заев му се заблагодари на Бајден за неговите заложби за успешно решавање на спорот со Грција и за поддршката на Договорот од Преспа кој го откочи процесот за нашето членство во НАТО, и им даде сигурност на политиките на земјата за аспирациите за поскорешно членство во ЕУ.

-Двајцата соговорници на средбата ги потврдија и афирмираа и идните перспективи за соработка меѓу САД и Република Северна Македонија во повеќе области со посебен нагласок на прашањата од заедничките безбедносни политики, информира владината прес-служба.

Претседателот на Владата денеска оствари средба и со адмиралот Џејмс Ставридис и амбасадорот Ричард Бурт од консултантската организација „Мек Ларти Асошиејт“, кои со честитките за успешните евроатлантски политики на нашата земја, како што стои во соопштението, ја понудија и својата поддршка и искуство во идните меѓународни активности на Владата на Република Северна Македонија.