Османи на средби со Мас и Рот

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска е во работна посета на Германија, при што оствари средби со својот домаќин, шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

Како што информираат од МНР, во фокусот на разговорите меѓу Османи и Мас биле подготовките пред Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Брдо кај Крањ, надминувањето на разликите со Бугарија, како и најновите внатрешнополитички состојби во нашата земја.

– Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ – истакнал Османи на средбата.

Средбата со државниот министер за Европа, Рот била искористена да се реафирмира германската позиција за нашето европско досие, за актуелностите од регионален аспект, но и да се дискутира за следните чекори и реформи, потребни за деблокирање на проширувањето на ЕУ.

– Балканот, географски не е на европската периферија, а поради тоа не смее да биде ниту на периферијата на политичкото внимание. Нашата дипломатија е таргетирана и посветена на вложување во градењето добрососедски релации, регионална соработка и реализација на визијата за видлива и достижна европска иднина – нагласил Османи.