фото Игор Бансколиев

Приврзанци на движењето “Бојкотирам” се собраа вечерва пред Собранието каде што го изразуваат задоволството од, како што велат, неуспехот на референдумот и зачувувањето на името на државата.

– Еднаш мора да се знае дека сме за Македонија за век векови – извикуваа насобраните граѓани.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров прочита 18 точки од како што ја нарече Декларацијата на движењето, меѓу кои бара поништување на Договорот кој Македонија го потпиша со Грција. Тој го повика Основното јавно обвинителство да поднесе кривична одговорност за македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров како потписник на тој договор.

– Денес е голем ден, го одбранивме името и идентитетот. Со Македонија постоиме, без Македонија ќе нè снема. Договорот со Грција е отфрлен со овој референдум. Според Уставот, пратениците најмалку две години не можат да гласаат за договорот со Грција – изјави претседателот на Семакедонскиот конгрес, Тодор Петров, кој посочи дека ги отфрлаат резултатите од референдумот и бараат оставка од Владата.

Пред и околу Собранието имаше засилено полициско обезбедување.