Македонија и Албанија од понеделник го почнуваат подготвителниот скрининг за поглавјето 24 насловен „Правда, слобода и безбедност“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Состанокот ќе трае три дена, за време на кои експертските тимови ќе ги чешлаат седумдесетте страници од европското законодавство (acquis communautaire/аки) посветен на овие теми.

Дипломатски извори за МИА објаснуваат дека станува збор за обемна област, во која се дискутираат различни теми, како азил, миграција и низа граѓански и кривични материи.

-Техничкото објаснување на аки-то за поглавјето 24 ќе се одржи од 12 до 14 ноември во Брисел за да ги запознае земјите со законодавството и стандардите на ЕУ во овие области, изјави портпаролката Маја Коцијанчич.

Таа потсетува дека Европската Комисија ја почна потребната подготвителна работа и „ќе продолжи да ја поддржува Поранешната југословенска република Македонија во нејзините напори да постигне опипливи и одржливи резултати посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, области кои имаат важен импакт врз животите на граѓаните“, рече Коцијанчич.

Македонската делегација е предводена од двајцата главни преговарачи, Бујар Османи и Бојан Маричиќ.

Вицепремиерот Османи в понеделник попладне ќе се сретне и со еврокомесарот Јоханес Хан, потврдија од Европската Комисија.

До крајот на оваа година треба да се одржат ушти три скрининг состаноци за поглавјата 3 (слобода на услуги), 5 (јавни набавки) и 32 (финансиска контрола).