Фото: Емил Јовановиќ

„Принципиелноста“ на меѓународната заедница прочитана како стар буквар

Пораките искажани од балканските лидери на Бледскиот стратегиски форум се претворија во сѐ поотворено изразување на евроскептицизмот и иронијата спрема европската веродостојност и принципи. Европската режија на претставата наречена „Западен Балкан“ сѐ повеќе од трагедија се претвора во гротеска. Балканските лидери го препознаа тоа и веќе ги зедоа „ЕУ-активностите за проширување“ на подбив!

Најефектниот момент за медиумска експлоатација од Бледскиот стратегиски форум во Словенија, кој се одржуваше изминатата седмица, веројатно беше настапот на премиерот на Албанија, Еди Рама, кој на сатирично-ироничен начин го „истури“ на отворена европска сцена, без воздржување, насобраниот и прикриван евроскептицизам на неговата земја, но и на другите земји-кандидатки, како што е и Македонија.

На форумот во Блед, балканските лидери (некои веќе европски, а другите сѐ уште со кандидатски статус) официјално разговараа за иднината на Европа, за предизвиците во однос на последните геостратегиски закани како најавата на нов мигрантски бран, но и за тоа дека е поминато и крајното време за ЕУ да си ги исполни своите ветувања спрема земјите од Западен Балкан. И во таква атмосфера, албанскиот премиер, многу луцидно, овој пат со префинета смисла за хумор, во кој половината беше сигурно вистина, кажа шега над шегите.

– Некој човек деновиве им пришол на еден европесимист и еден еврооптимист. Го прашал еврооптимистот кој е неговиот став за ЕУ-проширувањето. Тој одговорил: Турција ќе влезе во ЕУ или под македонско, или под албанско претседателство. Потоа го прашал европесимистот, и тој рекол дека секако двете земји ќе влезат во ЕУ, но под турско претседателство – испрати Еди Рама иронично-сатирична порака до ЕУ, но потоа и со извонреден осет на врвен „стендап-комичар“, директно му се обрати на бугарскиот претседател Румен Радев, замолувајќи го „Бугарите да не бидат толкави Европејци“ и да го отворат патот за почеток на преговорите на Македонија и на Албанија со ЕУ.
Овој пат, Рама, според пиар-експертите со кои се консултиравме, демонстрираше извонреден сплет на сериозни политички пораки, зачинети со иронија, хумор и сатира, со што го привлече вниманието на европската јавност, отфрлајќи ги дипломатските ракавици и заменувајќи ги со вербални бокс-ракавици, храбро подготвен и да дава и да прима удари.

И премиерот Заев во сличен стил упати иронична стрела до ЕУ-претставниците

Поминаа повеќе од три години од исполнувањето на „најголемиот услов“ – потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, (иако воопшто непредвиден во Копенхашките критериуми за проширување на ЕУ), за Македонија да го започне преговарачкиот процес за членство во Унијата. Тие три години доаѓаат како некаков „екстра бонус“ на претходните 25-26 години, колку што трае поигрувањето од Брисел со ветувања и нови изговори за (не)примање на Македонија во т.н. европското семејство. Во таков контекст, по малку звучи алегорично и можеби несвесно силно иронично, објаснувањето на македонскиот премиер Заев на форумот во Блед, за Македонија и европското семејство.
– За нас нема алтернатива за Европската Унија. Тоа е како еден човек да сака да му се придружи на семејството, но семејството не е подготвено и не го прифаќа. А ние немаме друго семејство. Тоа е нашето семејство. Во таа смисла, што можеме ние да направиме? Можеме да продолжиме да ја европеизираме нашата земја, зашто сме избрале дека тоа е нашето семејство. Поради вредностите, ние веруваме во европските вредности – го изрази македонскиот премиер Зоран Заев својот „микс“ од оптимистичко-песимистички очекувања за евроинтеграциите на Македонија.

Како што се однесува ЕУ така и Балканците возвраќаат

Пораките искажани од балканските лидери на Бледскиот стратегиски форум, во извесна мера наликуваат на „промена на стратегијата“ на пристапување кон ЕУ – од докажување за исполнување на критериумите и задачите, во сѐ поотворено изразување на евроскептицизмот и иронијата спрема европската веродостојност.
– Кога се губат изгледите за постигнување на посакуваната цел, ситуацијата предизвикува фрустрации и разочараност, а по разочарувањето следува сарказам. Секако, со сарказам и иронија можат во одреден степен да се амортизираат фрустрациите, но во суштина таквите околности сепак ја подриваат довербата на луѓето во процесите. Конкретно во нашиот случај, сериозно е подриена довербата во ЕУ и процесите на евроинтеграциите. Кога немате контрола над ситуацијата, не можете да влијаете на процесите, прибегнувате кон хуморот и сатирата како кон некој одбранбен механизам. Таквиот пристап дава привид дека имате контрола барем над фрустрациите. Но тоа е илузија, надомест за фрустрациите. Во авторитарните режими, критичарите најчесто прибегнувале кон еуфемизми и алегории (Езоп, Орвел), или кон хумор и сатира за да ги изразат фрустрациите на општеството од ситуациите врз кои не можат да влијаат – вели комуникологот Марко Трошановски.
Вообичаено литературните форми, како хуморот, сатирата, иронијата, сарказмот, па и цинизмот, употребени во политичката комуникација, често даваат посилен ефект на пораката што треба да се пренесе, смета Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС. Според него, тоа е особено потребно кога процесите се блокирани со неразумни причини и аргументи.
– Хуморот во настапите на лидерите од земјите на Западен Балкан во последно време (или иронијата, сарказмот, па и цинизмот – кој веќе како гледа и го доживува тоа), ја демонстрира фрустрацијата од закочениот процес на евроинтеграции во регионот и немоќта да се помрднат работите или да се решат барем некои од проблемите. Во тоа особено предничи албанскиот премиер Еди Рама, кому или му е појасна ситуацијата (и бесперспективноста) или е посамоуверен и покомотен (во однос на домашните политички состојби и противници) или, пак, едноставно е подобро верзиран во таква комуникација, со оглед на неговата образовна и кариерна заднина. Иако од една страна тоа изгледа популистички (и секако придобива симпатии од граѓаните, не само во Албанија), сметам дека и во ЕУ-круговите таквите изјави и настапи оставаат посилен впечаток, па дури и да се примаат како шеги и така и да се третираат/одговараат, сепак верувам дека потоа истите тие соодветно се анализираат и предизвикуваат сериозно внимание.
Лично сметам дека тоа е и добро, бидејќи кога некои процеси водат кон блокади и ќор-сокак, навидум (или реално) без соодветна аргументација или елементарна издржаност, тогаш треба работите да се доведат до апсурдност (вклучувајќи и со хумор) за да се демонстрира неодржливоста на таа состојба/ситуација. Во таа смисла можеби повеќе треба да користиме такви работи и ние во недоразбирањава со Бугарија (а веќе и имаше примери на социјалните медиуми, на пример, да прифатиме и прогласиме дека и Александар Македонски бил Бугарин, а ако и тоа не помага – тогаш да се обидеме и со Господ како Бугарин) – вели Александар Кржаловски.

Не сите соговорници со кои се консултиравме ги одобруваат мајтапењата на балканските лидери со Европејците

Читајќи ги „скриените пораки“ во иронијата и сарказмот на балканските политичари, новинарот Зоран Иванов изведува процена на европолитичките намери дека „Бугарија можеби не е сама во ембаргото“.
– Ова со „испадот“ на Рама, баш онака симпатичен, недипломатски и популистички, е само уште еден показ дека ЕУ е далеку и за Албанија, и за Македонија. Повикот на албанскиот премиер Рама со втурнување в лице на бугарскиот претседател Радев, инаку потврден антимакедонец со живковистичка матрица, беше само една фина драмолетка и показ дека Бугарија можеби не е сама во ембаргото. Сепак, Рама покажа и покажува солидарност со нашата земја, со самиот факт што Албанија уште не побара од Европскиот совет неговата земја да биде ослободена од ЕУ-пакет врската со Македонија. Патем, можеби е прашање на време кога ЕС ќе го укине „работното место“ – комесар за проширување. Што се однесува до бугарската политика спрема Македонија, веројатно ќе почекаме и на тамошната политичка сцена да се појави некој нов Ципрас, или некој нов Димитров или Желев – вели новинарот Зоран Иванов.


Отворено предупредување за стапиците од можното членство во ЕУ од европски политичар

Чешкиот политичар Јиржи Кобза, член на партијата Слобода и директна демократија, заменик на претседателот на Одборот за надворешни работи на чешкиот парламент, ја предупредува Србија за стапиците од можното членство во Европската Унија.
– Факт е дека членството во ЕУ би можело да ѝ донесе на Србија неколку корисни работи. Меѓутоа, најголема корист од тоа ќе имаат корпорациите од ЕУ, зашто ќе имаат пристап во друга држава и нејзините ресурси и пазари. Сметам дека губењето на голем дел од независноста е фундаментален недостаток на членството во ЕУ, по што следуваат „зеленото самоубиство“ на ЕУ со „Грин дил“, миграциска политика на ЕУ, т.н. Фонд за закрепнување, кој ќе донесе бесконечни долгови и други несреќи. Се надевам дека ќе постои шанса некој да им го објасни тоа на нашите браќа Срби – порачува Јиржи Кобза, кој кажува дека има „особен однос“ спрема Србија, зашто чешките и српските партизани војувале заедно против нацизмот.