Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на за утре закажаната лидерска средба на која, кај претседателот Стево Пендаровски, треба да се разговара за одржување на претходно одложените предвремени парламентарни избори, преку некои медиуми деновиве беа објавени наводно прислушувани аудиоматеријали со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во главните улоги. Во саботата, на еден јутјуб- канал, беа објавени четири таканаречени бомби за лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Во нив Заев, наводно, зборува со соговорник за специјалното јавно обвинителство (СЈО), за судско-политичките случаите поврзани со личностите како што се Орце Камчев, Зекир Бекири Чауш, но и за опозициското ВМРО-ДПМНЕ, Сорос… За снимките се наведува дека потекнуваат од 2016 година, пред одржувањето на тогашните парламентарни избори. По нивното објавување, самиот лидер на СДСМ ја потврди автентичноста со саркастична изјава, слична на реакцијата на неговата партија, дека ВМРО-ДПМНЕ само му прави промоција.

Еден ден претходно, во петокот, на друг јутјуб-канал беа објавени аудиоснимки, кои, според наводите, сведочат за средбите и извесни договори на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со осудениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец, а кои биле направени минатата година, пред претседателките избори во април, кога истовремено беа одржани и вонредни локални избори во Охрид. И двајцата актери во снимките, Мицкоски и Милески, ја потврдија автентичноста.
По објавувањето на осумте прислушувани материјали, по четири за двајцата лидери, во јавноста е оценето дека во нив нема индиции за криминал и дека нивното пласирање е во функција на претстојната лидерска средба.

Од 2015 година, кога СДСМ почна да го објавува серијалот на т.н. бомби за тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се чини дека овој метод, што е на работ на законитоста, се претвори во предизборна политичка практика.
Во оваа ситуација, извесно е дека изборите ќе се одржат, но терминот е неизвесен, за што, меѓу другото, треба да решат партиските лидери на лидерската средба што за утре е закажана кај претседателот Пендаровски. Конечната одлука за датумот на изборите, според најавеното, ќе треба да се донесе врз основа на стручните анализи на Комисијата за заразни болести.
СДСМ вчера по средбата на Заев со претставниците на коалицијата „Можеме“ објави дека изборите би требало да се одржат на средината на јуни.