Во долгогодишното применување на овој „скратен пат на демократијата“ – лидерските средби, кои повеќе личат на собир на племенски старешини каде што доминираат партиските суети, сѐ почесто се замижува на фактот дека на тој начин се гази легитимитетот на демократски избраните институции во државата, како што е Собранието

Размислувањето и дејствувањето на ист начин како кога сме ги создавале проблемите, секако, нема да нѐ доведе до излез од кризата во која сме западнале токму поради таквото размислување. А се чини дека македонските политички лидери не можат да излезат од таа матрица на соочување со предизвиците, за која веќе е докажано дека води кон повторување на старите грешки.

По уште едно бриселско разочарување на тема датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, политичките елити повторно посегнаа по стариот, проверено неуспешен начин на решавање на политичките кризи – лидерска средба.

Изразувајќи ги својата разочараност и горчина од одлуката на Советот на Европа за повторното одложување на фамозниот датум, и покрај, според уверувањето на Владата, сите исполнети услови, премиерот Зоран Заев даде понуда за итни предвремени парламентарни избори на кои, како што очекува, македонските граѓани ќе се изјаснат за понатамошната политичка опција што би се носела со тежината на очигледното нерасположение за понатамошно проширување во ЕУ. Заев нагласи дека тоа ќе го предложи на лидерската средба што претседателот на државата Стево Пендаровски ја свика за вчера попладне. Пред одржувањето на лидерската средба беше јавено дека поканата на Пендаровски е прифатена од сите адресирани страни и дека кај претседателот ќе се соберат првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива за Албанците, Африм Гаши, и на Движењето Беса, Билал Касами.

Доколку се случат предвремени избори по „итна постапка“, повторно паѓа во вода демократизацијата на изборниот процес, зашто едноставно не постои временски простор за измени во Изборниот законик и за технички подготовки за нивно спроведување

Оваа практика на лидерски средби, која по иницијатива на меѓународната заедница беше воведена како своевиден „скратен пат на демократијата“ и начин на решавање вонредни ситуации, во Македонија се претвори во стандардна процедура за решавање кризи. Во долгогодишното применување на овој „скратен пат на демократијата“, кој повеќе личи на собир на племенски старешини каде што доминираат партиските суети, сѐ почесто се замижува на фактот дека на тој начин се гази легитимитетот на демократски избраните институции во држава, како што е Собранието. Своевидното институционализирање на лидерските средби тивко го сведе македонскиот парламент на гласачка машина и место за трговија со „самостојноста и независноста на пратеничкиот глас“, што неизбежно доведува до манипулација со принципите на демократијата. Притоа, веќе искуствено е докажано дека таквиот принцип на политичко договарање, кое наводно ги решава политичките кризи, само создава можности за навлегување во нови безизлезни ситуации.

Атмосферата на безизлез, во која западна власта по најновото „не“ на Брисел, сепак е резултат на лошо менаџирање со политички кризи преку лидерски средби, како Пржино 1, Пржино 2, за законите за употреба на јазиците, за јавното обвинителство… и уште многу други претходно влезени во архивата на македонската држава.

Во долгогодишното применување на овој „скратен пат на демократијата“ – лидерските средби, кои повеќе личат на собир на племенски старешини каде што доминираат партиските суети, сé почесто се замижува на фактот дека на тој начин се гази легитимитетот на демократски избраните институции во државата, како што е
Собранието

– Нема измислување топла вода во здравството, социјалата, образованието. Ако тие се темелите, а вие ги уредите, тогаш вие сте ја донеле Европската Унија тука. Ние воспоставивме камшикарска идеологија, поданички менталитет, кој што не дава плод и така и сме перцепирани, и затоа може да очекуваме пораз до пораз – вели професорот Димитар Апасиев, по последната негативна одлука на ЕУ за доделување датум за почеток на преговори со Македонија.

Од друга страна, предлогот на премиерот за нови и брзи избори, на кои „народот би требало да одлучи по кој пат ќе продолжи да се движи земјата“, ги пресретнува иницијативите и препораките на ОБСЕ/ОДИХР за измени во Изборниот законик, во насока на поголема демократизација и влијание на гласачите на изборите. Во Собранието веќе беа поднесени иницијативи и за воведување на изборниот модел со една изборна единица и се дебатираше за можноста за воведување отворени изборни листи. Доколку се случат предвремени избори по „итна постапка“, повторно паѓа во вода демократизацијата на изборниот процес, зашто едноставно не постои временски простор за измени во Изборниот законик и за технички подготовки за нивно спроведување.

Доколку се случат предвремени избори по „итна постапка“, повторно паѓа во вода демократизацијата на изборниот процес, зашто едноставно не постои временски простор за измени во Изборниот законик и за технички подготовки за нивно
спроведување

Прекинувањето на процесот на спроведување одредени политички иницијативи за спроведување демократски реформи со одржување предвремени избори е токму спротивен чекор од забелешките за недоволна реализација на реформите за владеење на правото, што беше еден од аргументите на некои од лидерите на ЕУ за недоделувањето датум за почеток на преговори за Македонија.

Фото: Игор Бансколиев