Македонската армија од почетокот на мај, во содејство со сојузниците од НАТО, го започна процесот за повлекување на нашите вооружени сили од мировните мисии во Авганистан на Блискиот Исток.
По две декади од таканаречената „глобална битка против тероризмот“, во која беше дел и Македонија, процесот за враќање на нашите и сојузничките војници е во тек повеќе од 25 дена.
Во меѓувреме, од македонската армија велат дека врз основа на одлуката на НАТО од средината на април да се започне со повлекување на силите на учесниците во мировната операција „Одлучна поддршка“ по 1 мај, како дел од оваа мисија од страна на Министерството за одбрана и Генералштабот на армијата се почнати потребните оперативни подготовки во согласност со надлежностите и обврските во спроведување на овој процес.

– Целиот процес ќе биде организиран, координиран и осмислен. Безбедноста на нашите припадници и на припадниците на сите други учесници ќе биде врвен приоритет во текот на секој понатамошен чекор, за што се преземаат сите неопходни мерки, за да се спречи предизвикување каква било штета на нашиот персонал – велат од АРМ.
Оттаму замолуваат за разбирање дека во овој момент нема да навлегуваат во деталите за оперативните рокови за овој процес, вклучувајќи и за бројната состојба или временската рамка за повлекувањето на кој било контрибутор во операцијата.
– Во согласност со оваа одлука, планирано е повлекувањето на силите да заврши во рок од неколку месеци – резимираат од АРМ во одговорот до редакцијата.
За потсетување, Македонија во неколкуте меѓународни мисии во Авганистан учествува уште од 2002 година. На почетокот македонското учество беше како партнер на НАТО, а од пред една година и како полноправна членка на Алијансата. Во рамките на мисиите во Авганистан досега беа испратени повеќе од 3.100 лица од повеќе профили. Најмногубројни беа штабните воени офицери и подофицери, но во операциите Македонија испрати свои тренери и ментори за обука на авганистанските сили, како и пешадиски единици и медицински персонал.

За потсетување, македонската војска и нашите безбедносни институции имаат богата историја во придонесот на светскиот мир и во учеството во мировните мисии на меѓународни операции во странство. Досега Македонија беше составен дел на мисиите на НАТО во Авганистан и во Ирак, но и на мировните мисии на Европската Унија во Босна и Херцеговина и во соседно Косово, како и во операции предводени од Обединетите нации, попознати во состав на силите на УНИФИЛ. Македонската војска својата прва логистичка безбедносна операција ја започна во далечната 1999 година, кога беше спроведена поддршка на сојузничките мировни сили во соседно Косово, а првата воена мисија надвор од нашите граници беше извршена на Блискиот Исток две години подоцна.

[email protected]