Македонски и бугарски интелектуалци со заедничко обраќање до двете држави

Македонски и бугарски научници упатија заедничко писмо до премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, шефовите на дипломатиите на двете држави, Екатерина Захариева и Бујар Османи, и вицепремиерот за европски прашања на РСМ, Никола Димитров.
Потписници на писмото се Катерина Колозова (Скопје), Александар Везенков (Софија), Љупчо Петковски (Скопје), Стефан Дечев (Софија), Здравко Савески (Скопје), Чавдар Маринов (Софија), Димитар Бечев (Оксфорд).
Во продолжение целото писмо.
„Почитувани госпоѓи и господа,
Ние, претставници на хуманистичките и општествените науки од двете држави, се обраќаме до вас во овој важен момент, кога во влог се поставени пријателството и добрососедството меѓу нашите две земји и два народа. Се плашиме дека фокусирањето на процесот на преговори врз проблемите од минатото породува нереалистични очекувања и крие огромни ризици.

Проблемот е што целиот сегашен спор за историските прашања произлегува од застарените и многу ограничени сфаќања за националниот идентитет како нешто вечно и неменливо, а за националната историја – како нешто свето. При така составената мешана историска комисија исто така се произведува еден модел од минатото: претставниците на двете национални историографии ги бранат и се обидуваат да ги наложат утврдените интерпретации во својата сопствена земја.
Меѓутоа, современите хуманистички и општествени науки сите нации ги разгледуваат како конструирани, па дури и буквално „вештачки“, а националните истории – како интелектуални конструкти, како само еден од начините на кој може да се осмисли минатото. Исто така, загрижувачки е преку преговори меѓу две држави да се бара согласност за само една историска вистина. Современата историографија уште одамна го има прифатено постоењето на различни интерпретации, како резултат на различни перспективи. Ние живееме во плуралистички општества и работиме во академска средина, која го прифаќа плурализмот на интерпретациите (вклучувајќи и на интерпретациите на минатото) како нешто нормално.

Поради сите тие причини се обраќаме до вас со повик за кооперативност за актуелните проблеми, а што се однесува до споровите и разликите за историските прашања доволно би било создавањето атмосфера поотворена за дијалог. Досегашната работа на мешаната историска комисија покажува дека е можно постигнувањето согласност дури и за најтешките прашања за нашите две земји, но тоа е долг процес и не треба да се поставуваат нереалистично кратки рокови. Притоа, тој процес не треба да се одвива под притисок, кој би ги дискредитирал постигнатите компромиси и согласности. Секој наратив за националното минато подлежи на преобмислување и преоценување, но тоа треба да се случува во слободни академски и општествени дискусии“, се наведува во писмото.