Граѓани тврдат дека телефонскиот број (02) 15-123 на „Ало, докторе“ деновиве многу тешко се добива за да се побара одреден лекарски совет. Некои велат дека по долго и упорно вртење се откажуваат, па за совет телефонски ги бараат матичните лекари или одат на преглед кај нив.
Поттикнати од ваквите тврдења и рекации на граѓаните, нашиот весник се обиде да стапи во контакт со „Ало, докторе“. По повеќето обиди и сигналот за зафатено, сепак, успеавме да добиеме линија, да ги поставиме нашите прашања и да ги добиеме посакувани одговори што вкупно траеше околу 10 минути.
Oд „Ало, докторе“, велат дека секојдневно дежура по еден лекар и дека работат нонстоп, во три смени, од 8 до 16 часот, потоа од 16 до 22 часот и од 22 до 8 часот наутро.

Од „Ало, докторе“ велат дека постојано им се одговара на прашањата на пациентите, но лекарите не можат веднаш да прекинат со првиот пациент штом им заѕвони втората линија, додека не го ислушаат и не му ги дадат потребните одговори и совети на пациентот што веќе им е на линија. Затоа другите мора трпеливо да причекаат. Еден период, како што вели докторот, пациентите најмногу поставувале прашања поврзани со ковид, а сега претежно им се јавуваат пациенти со хронични заболувања.
– Не би требало да е тешко да се добие лекар на бројот на „Ало, докторе“ и постојано да ѕвони зафатено, бидејќи функционираат две линии и штом лекарот заврши на првата, веднаш се јавува на втората линија. Од она што последно проверувавме дури има и десетминутни паузи, па потоа повторно некој да ѕвони, но ако граѓаните реагираат, ние и натаму ќе ја следиме состојбата и доколку има потреба, ќе упатиме и допис до Министерството за здравство да се зголеми буџетот, односно бројот на доктори што ќе одговараат на повиците на пациентите – велат одговорните од службата на „Ало, докторе“. С.К.