Фото: Игор Бансколиев

Добиената чиста препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ ги подгреа надежите за добивање и датум за почнување преговори во јуни годинава. Но што, всушност, содржи опширниот извештај на ЕК на околу 100 страници посветен на Македонија. Нашиот весник ги анализираше клучните поглавја во извештајот, при што во кратки црти ги издвојуваме суштинските заклучоци на Европската комисија

Во извештајот на Европската комисија, Македонија доби чиста, односно без дополнителни услови, препорака за почеток на преговори за членство во Унијата. Во документот, кој предизвика своевидна еуфорија кај власта заради искажаните пофалби, се посочува дека е забележан напредок во достигнувањето на политичките и економските критериуми, според препораките на Рајнхард Прибе, но сепак со потенцирање дека тоа е само создавање добра клима за спроведување на понатамошните реформи.

– Земјата конечно ја надмина својата најтешка политичка криза од 2001 година. Тешкиот процес на формирање влада достигна критична точка за време на нападите од 27 април 2017 година во парламентот, кои беа најсилно осудени од страна на меѓународната заедница. Од мај 2017 година, новата влада ориентирана кон реформи презеде чекори за постепено враќање на контролата и рамнотежата, јакнење на демократијата и владеење на правото – се вели на почетокот од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Ваквиот извештај на ЕК го подгреа и оптимизмот на премиерот Зоран Заев, дека Македонија во јуни веќе може да се надева и на датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Нашиот весник ги анализираше клучните поглавја во извештајот, при што во кратки црти ги издвојуваме суштинските заклучоци на Европската комисија.

Постигнувања и обврски во реализацијата на политичките критериуми

– Земјата се соочува со фундаментални промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера. Локалните избори во октомври 2017 година ја потврдија поддршката на граѓаните за политиките на владината коалиција ориентирани кон ЕУ. Собранието продолжува да функционира со опозициските партии што претседаваат со клучните комисии. Парламентот треба да ги зголеми своите надзорни и законодавни функции, вклучувајќи го и ограничувањето на широката употреба на скратените постапки. Додека меѓуетничката ситуација беше кревка, ситуацијата остана мирна. Прегледот на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој заврши конфликтот во 2001 година и се обезбеди рамка за меѓуетничките односи, треба да се следи на транспарентен и инклузивен начин. Владата покажа посветеност да ја зголеми довербата меѓу заедниците. Граѓанското општество продолжи да игра конструктивна улога во поддржувањето на демократските процеси и обезбедувањето поголеми проверки и рамнотежи. Од втората половина на 2017 година, климата во која работат организациите на граѓанското општество е подобрена и Владата покажа посветеност на дијалогот и инклузијата.

Реформи во јавната администрација

– Земјата е умерено подготвена со реформата на нејзината јавна администрација. Добар напредок е постигнат со усвојувањето на стратегијата за реформа на јавната администрација и програмата за реформи во управувањето со јавните финансии. Беа направени конкретни напори за зголемување на транспарентноста и одговорноста и вклучување надворешни чинители во креирањето политики. Треба да се подобри капацитетот на Министерството за информатичко општество и администрација за водење и координирање на реформите во јавната администрација. Силната политичка заложба за гарантирање на професионалноста на јавната администрација, особено за високи менаџерски назначувања, и почитувањето на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност во согласност со духот и словото на законот, остануваат суштински.

Фото: Дарко Андоновски

Судството да функционира без непотребно влијание

– Судскиот систем на земјата достигна одредено ниво на подготвеност и постигнат е добар напредок, особено во вториот дел од периодот на извештајот. Назадувањето од претходните години почна да се менува преку решителни чекори преземени во последниве месеци, особено за да се започне со обновување на независноста на судството. Земјата усвои веродостојна нова стратегија за судски реформи, која ја поставува основата за понатамошни реформи во оваа област, а клучните закони се изменети во согласност со препораките на Венецијанската комисија и „Приоритетните реформи“. Канцеларијата на специјалниот обвинител се соочува со помалку опструкции од судовите, овозможувајќи поефикасно работење. За да се адресираат извонредните препораки и да се обезбеди судството да функционира без непотребно влијание, ќе бидат потребни постојани напори.

Корупцијата останува сериозен проблем

– Што се однесува до борбата против корупцијата, земјата постигна одредено ниво на подготвеност. Постои законска и институционална рамка, како и евиденција за превенција и гонење, иако конечните судски одлуки за случаи на корупција на високо ниво и понатаму се ограничени. Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем. Капацитетот на институциите за ефикасно справување со корупцијата покажа структурни и оперативни недостатоци. Политичкото мешање останува ризик.

Поефикасна борба против организираниот криминал

– Во борбата против организираниот криминал земјата достигна одредено ниво на подготвеност. Законодавната рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии мора да продолжат. Земјата презеде чекори во насока на реформирање на системот за следење на комуникациите и за решавање сродни „приоритетни реформи“. Треба да се направи уште повеќе за ефикасна борба против одредени форми на криминал, како што се перењето пари и финансискиот криминал. Координацијата меѓу сите релевантни чинители е од суштинско значење. Треба да се подобри евиденцијата за истраги, обвиненија и пресуди во борбата против организираниот криминал. Бројот на обвиненија останува низок.

Човековите права и слободата на изразување со попозитивен тренд

– Правната и институционалната рамка за заштита на основните човекови права во голема мера е воспоставена и реформите ја подобрија усогласеноста со европските стандарди за човекови права. Целосната имплементација бара постојани напори. Позитивно е што земјата ја ратификува Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (исто така позната како Истанбулска конвенција), иницира неопходни правни реформи за воспоставување механизам за надворешен надзор на органите за спроведување на законот и дека измените на рамката за недискриминација беа подготвени на инклузивен начин. Треба да се разгледа ситуацијата во затворите и психијатриските институции, мора да се следат случаи на криминал од омраза и говор на омраза, а телата што се вклучени во заштитата и унапредувањето на човековите права мора да се зајакнат. Потребни се повеќе напори за вклучување на Ромите. Што се однесува до слободата на изразување, земјата постигна одредено ниво на подготвеност и постигна добар напредок, особено преку подобрена клима за медиумите и намален притисок врз новинарите. Земјата треба да ги реши преостанатите предизвици, вклучувајќи ја и реформата на јавниот радиодифузен сервис.

„Проблемот за името“ да се реши како итно прашање

– Во однос на регионалната соработка, земјата ги одржуваше добрите односи со другите земји за проширување и активно учествуваше во регионалните иницијативи. Беа преземени одлучни чекори за подобрување на добрососедските односи, вклучувајќи го и влегувањето во сила на билатералниот договор со Бугарија. „Проблемот за името“ треба да се реши како итно прашање. Разговорите за „прашањето за името“ се интензивираа под покровителство на Обединетите нации. Конструктивните разговори на ниво на премиер и министер за надворешни работи позитивно го оценија напредокот во спроведувањето на мерките за градење доверба. Заедничкото соопштение на премиерите на Грција и Република Македонија во јануари 2018 година, кое вклучува преименување на скопскиот аеродром и автопат, и продолжувањето со одложени иницијативи на ЕУ беа конкретни знаци за зајакнување на меѓусебната доверба.

Успешно справување со миграциската и бегалската криза

– Република Македонија продолжи да управува со ефектите од миграциската и бегалската криза. Земјата е во процес на преговори со Европската Унија за статусен договор за активностите што треба да ги спроведе европската гранична и крајбрежна стража во земјата. Државата направи напори за подобрување на својата правна рамка. Работата за измена на Законот за странци е во тек. Земјата продолжи да ја спроведува својата резолуција за миграциската политика. Земјата ги задржа своите напори за подобрување на својот систем за азил и за управување со миграцијата. Сè уште е потребна систематска регистрација на мигранти и профилирање на чувствителни информации за заштита на потребите на тие индивидуи. Земјата продолжи да соработува со соседните земји и земјите-членки, особено на техничко ниво, и направи значителни напори за обезбедување засолниште и хуманитарна помош, пред сѐ со поддршка од ЕУ.

Клучните слабости на економијата – остануваат

Кога станува збор за задоволување на економските критериуми, во извештајот на Европската комисија се забележува дека „Република Македонија постигна одреден напредок и е на добар степен на подготовка за развој на функционална пазарна економија“.
– И покрај политичкиот ќор-сокак во првата половина од годината, забележани се подобрувања, особено во управувањето со јавните финансии и транспарентноста. Клучните слабости на економијата остануваат. Тие вклучуваат недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високите стапки на невработеност. Макроекономското опкружување се влошило во првата половина од 2017 година, бидејќи долгата политичка криза се одразила во инвестирањето. Фискалната политика е насочена кон краткорочни мерки и нема траен план за консолидација.
Економијата постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамките на ЕУ. Понатамошен напредок беше направен во насока на диверзификација на извозот и производство со повисока додадена вредност во производствениот сектор. Трговските и инвестициските односи со ЕУ продолжија да се интензивираат. Економијата сѐ уште страда од слабости во наставните планови, ниските стапки на иновации и значајните недостатоци во инвестициите, вклучувајќи ја особено јавната инфраструктура – се констатира во економскиот дел од извештајот на Европската комисија.

Усогласеност со законодавство на ЕУ

– Што се однесува до способностa да ги преземе обврските за членство, земјата е умерено подготвена во повеќето области, вклучувајќи и во областите на конкуренцијата, транспортот и енергијата. Земјата покажува добро ниво на подготовка во областите како што се Законот за трговски друштва, Царинската унија, трансевропските мрежи и науката и истражување. Поголем фокус е потребен за административниот капацитет и ефективната имплементација. Земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со декларациите на ЕУ и одлуките на Советот за заедничка надворешна и безбедносна политика.