Можат ли независните кандидати да им ги „замрсат сметките“ на поголемите партии на локалните избори во октомври? Вакви примери изминатиот период беа забележани во соседството, но дали тоа ќе биде регионален тренд, па таквите појави ќе се пресликаат и кај нас? Аналитичарите и политиколозите имаат интересни согледувања

НЕЗАВИСНИ КАНДИДАТИ НАЕСЕН НА МЕГДАН СО ГОЛЕМИТЕ ПАРТИИ

Како што се наближуваат локалните избори и додека условно кажано поголемите партии етапно ги објавуваат нивните кандидати за градоначалници и советници, на политичката сцена секојдневно и сѐ повеќе никнуваат независни граѓански активисти, кои најавуваат свои кандидатури и свои советнички листи.
Во јавноста и на социјалните мрежи досега се регистрирани голем број најави од независните кандидати, кои ќе се обидат да им ги замрсат сметките на постојните партии. Имено, под мотото „Зелен хуман град“, иницијатива зад која стојат 12 организации, се повикуваат граѓаните да се кандидираат на првата независна листа за членови на Советот на Град Скопје за претстојните избори. Во Тетово, пак, група граѓански активисти информираа дека ќе се кандидираат за независни советници, во иницијатива под името „Подобро за Тетово“.
Слично е и во Охрид, каде што откога беше формиран Иницијативен одбор за поднесување листа на независни кандидати за членови на Советот на Општината, независни кандидати ќе излезат на локалната трка под мотото „Охрид пред сѐ“. Слични примери на вакви организирани настапи на независни кандидати или, пак, нивни поединечни кандидатури има и низ другите градови и општини во државата.
Во меѓувреме, политиколозите се кои се консултиравме велат дека независните кандидати имаат мали шанси да ги заграбат градоначалничките позиции, но додаваат дека советничките места им се на дофат, а тоа се должи на ваквата традиција што постои во плурализмот во Македонија.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски ја потенцира различната ситуација кај кандидатите за градоначалници и советници, во однос на шансите против партиските кандидати. Тој потсетува на искуствата во минатото, кога независни кандидати победувале.

– Да не заборавиме, ние сме имале независен кандидат за градоначалник на Скопје што успешно ја реализирал кампањата. Од друга страна, има еден тренд и кај нашите соседи каде што независните кандидати се зајакнуваат, а шансите им се подобруваат. Тоа е рефлексија на незадоволството на граѓаните во однос на целата политичка поставеност и недовербата кон политичките партии. Во секој случај, локалните избори даваат најголема можност тоа да се ефектуира, така што јас не би ги исклучил целосно независните кандидати од целата приказна, но во секој случај во бројки политичките партии се тие што ќе ги однесат победите – вели Стефаноски.
Тој истакнува дека изборниот модел во Македонија е таков што независните кандидати на парламентарните избори немаат никакви шанси против партиските, додека кандидатите за градоначалници и советници имаат поголем пристап.
– Политичките партии во Македонија традиционално имаат воспоставено добра организациска и лоби-структура, која им носи одреден број гласови и затоа за претстојните локални избори независните кандидати за градоначалници ќе имаат мали шанси против партиските – вели политикологот Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки.
Тој, сепак, нагласува дека во практика поголеми шанси имаат независните кандидати за советници.
Гледано наназад, речиси пред секои избори со вакви амбиции се јавуваат повеќемина независни кандидати. Меѓутоа, досега тие амбиции завршувале или со најава или, пак, со неуспех уште во првиот круг на трката. Во ретките случаи на успех, досега на локалните избори имало независни кандидатски листи што успеале да освојат советнички места.
Инаку, изборите наесен ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија.


„Мини-револуција“ на независни кандидати во регионот

На изборите во регионот изминатиот период се случуваше „мала револуција“, во која големите партии изгубија важни политички позиции на локално ниво. Вакви случаи беа регистрирани на изборите низ поголемите градови во Босна и во Република Српска и во хрватско-муслиманската федерација. Во Хрватска, пак, победа на клучните позиции во Загреб и во Сплит однесоа младите левичарски активисти и еколошки борци.

[email protected]