Покрај тоа што не се чека на ред за вакцинација туку таа се врши истиот ден, македонските граѓани одат во Србија и поради можноста сами да изберат со кој тип вакцина ќе се вакцинираат, што во Македонија не е случај, тврдат здравствените работници

ЗОШТО МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ И ПОНАТАМУ ОДАТ НА ИМУНИЗАЦИЈА ВО СРБИЈА

Македонските граѓани во сѐ поголем број секојдневно се вакцинираат, но не само на вакциналните пунктови во земјава туку и во соседна Србија, откако им е овозможена имунизација без претходна пријава преку српската владина е-управа. Има ли проблем со процесот на имунизација во државава, која е причината што македонските граѓани повторно масовно одат по вакцина во Србија, иако, според здравствените власти, има доволно вакцини? Дали можноста за избор на вакцина во Србија е главната причина за оваа состојба или, пак, тоа што во земјава на дневно ниво се вакцинираат помал број лица?
Сепак, намалениот број на новозаразени лица, како и бројот на имунизирани и прележани, дава голема надеж дека наскоро конечно ќе стивне состојбата со епидемијата и животот полека ќе се врати во нормала.
Во изминативе денови, покрај намалениот број на новозаболени од ковид-19, се бележи и сѐ помал број на хоспитализирани и починати лица.
Микробиологот Никола Пановски вели дека причините поради кои македонските граѓани одат во Србија се јасни, зашто во земјата има застој со вакцинацијата.
– Во Србија одат оние граѓани што не сакаат да чекаат за вакцинација во земјава. Има и такви на кои не им одговара типот на вакцина, па затоа одат во Србија, за да можат да изберат. Таму имаат можност да изберат. Во најголем дел тоа се помлади лица, кои не можат да чекаат за вакцинација. Но тоа е мал процент, можеби тоа се 1.000 луѓе на ден. Месечно нека се и 30 илјади. Ако кај нас имаше редовно вакцинирање по десет илјади на ден, тие луѓе ќе се извакцинираа за три дена – посочува Пановски.
Според него, секако дека поголем процент на вакцинирани ќе биде од полза за справување со пандемијата.

– Оние што се вакцинирале со прва доза одредена вакцина треба и со истата таа да се ревакцинираат. Барем такви се истражувањата досега. Има истражувања за „Астра зенека“, но генерално кај нас се почитува принципот првата и втората доза на вакцинација да бидат од ист производител – посочува Пановски.
Деновиве пристигаа 30.000 вакцини „Синовак“ како донација од Турција.
Министерот за здравство Венко Филипче изрази благодарност до Република Турција и до претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката и за експресната испорака на ветеното количество.
– Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови низ државата – посочи тој.
На 7 јуни пристигнаа дополнителни 12.870 дози вакцини од производителот „Фајзер“, обезбедени преку директните преговори со производителот и преку ЕУ, која ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“.
Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Оттаму посочуваат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата вакцинација.мк е 444.898 граѓани.