Европската Унија е подготвена да ги поддржи реформите и европските напори на соседните земји, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ пред почетокот на виртуелниот Самит во Загреб на земјите од ЕУ и Западен Балкан.

Тој вели дека ЕУ е подготвена да ги поддржи напорите на земјите од Западен Балкан.

– Не само во контекст на преговорите што веќе ги водат Србија и Црна Гора, не само во контекст на многу важната одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, туку и како порака којашто оди кон Босна и Херцеговина, којашто е особено важна земја за Хрватска – истакна Пленковиќ.

Тој истакна дека Хрватска сака да и помогне на Босна и Херцеговина на европскиот пат и да ги поддржи разговорите меѓу Србија и Косово. Тој додава дека зеленото светло за Скопје и Тирана е резултат на „дипломатско-политичко ангажирање на Хрватска и нејзините пријатели и партнери“.

Пленковиќ истакна дека ЕУ и финансиски го поддржува Западен Балкан во пандемијата на коронавирус и дека Европската комисија „подготвува голем пакет за економска помош кој ќе ги следи и редовните извештаи за напредокот на овие земји“.