Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како што добива на интензитет кампањата за претстојниот референдум, закажан за крајот на идниот месец, во нашата земја се засилува и „војната“ со лажни вести, говор на омраза, вулгарности, клеветења и навреди… Сето тоа е зачинето со неинформираност, неупатеност во проблематиката и некомпетентност во неограничени количества.

Граѓаните се соочени со флагрантно кршење на професионалните принципи на јавното информирање и новинарската професија и со кршење на етичкиот кодекс на работење на дел од претставниците на оние што себеси се сметаат за „седма сила“. Уште повеќе, мониторингот и анализите на интелектуалци и професори од областа на новинарството и правото забележуваат индикатори на злоупотреба од страна на некои медиуми, кои, според нив, „се ставаат во функција на деструктивни агенди на поединци и групи“.

Токму вака се идентификуваат коментарите на домашните познавачи на проблематиката, кои во исто време предупредуваат дека во земјава, за жал, сѐ уште не постои ефективен апарат, механизам или правен инструмент за спречување на говорот за омраза на социјалните мрежи и општо на Интернет. Во таа насока, дури не постои некоја превентивна алатка што ќе врши селектирање и отстранување на лажната содржина во вестите.

Таквата алатка би ги препознавала содржините (говор на омраза, клевети, навреди, дури и лажните вести) што како натрапник се вградени или преточени во презентираната информација, пласирана на Интернет. Познавачите на медиумскиот простор и на функционирањето на медиумите и односите со јавноста велат дека многу ретко се почитува Кодексот на новинарите, принципите на работењето на новинарите, односно универзалната Декларација како стандард за професионално однесување и работење на новинарите и медиумите.

Во ист контекст е и саморегулацијата, која, според нив, во исто време е базичен заштитник на медиумската слобода и независност. Универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев неколкупати во изјава за „Нова Македонија“ со право тврди и објаснува дека секој елемент поврзан со случувањето на терен, се пренесува на Интернет и обратно со експресна брзина.

– Говорот на омраза на Интернет, односно на социјалните мрежи, и ширењето лажни вести е елемент поврзан со случувањата од терен. Тие две работи одат заедно, а не одделно, како што некои милуваат да кажат, а истите тие носат директна закана по сите нас – вели Калајџиев.

Тој објаснува дека ширењето расистички и ксенофобичен материјал заедно со повик за насилство по пат на компјутерски систем е прецизно пропишано во Кривичниот законик, во членот 394 г. Според него, казната за ваквите повици на насилство, доколку дојде до потешки облици на прекршување на законот, може да биде и до десет години затвор.

– Во Кривичниот законик прецизно се опишува дека доколку во јавноста преку Интернет се шири расистички ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија што помага или поттикнува омраза, дискриминација или насилство против лице или група врз основа на национално или етничко потекло или слично, се казнува со затвор од една до пет години – дообјаснува Калајџиев.

Од друга страна, пак, професорката по комуникологија Викторија Кафеџиска смета дека во земјава постои преголема концентрација на гнев и поделеност помеѓу граѓаните, а тоа што загрижува е дека таквиот „вирус“ забрзано се шири, пред сѐ меѓу младите, поради тоа што „некој“ овозможил долгогодишно чекање за влез на нашата земја во ЕУ и во НАТО.

– Во Македонија е изгубена границата помеѓу она што е медиум, социјални мрежи и она што е приватност или, пак, лажна вест. Секој изречен или напишан збор во медиумот е порака во општеството. Кога говорам за медиум, мислам за оној што потекнува од „здраво општество“, како во развиените западни земји, кои не користат навреда или омраза при својата секојдневна работа. Овде, за жал, го немаме тоа, поради што вирусот на приземно општество сѐ уште вирее во земјава – забележува Кафеџиска.

Професорката Кафеџиска вели дека неколкупати досега во своите изјави апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа, која може да предизвика граѓански нереди од поголеми форми.

Во врска со споменатото, надлежните институции тврдат дека постапуваат и реагираат соодветно по случаите на пријави за говор на омраза, или насилство изразено во пишана форма, иако од информациите во медиумите речиси тешко може да се забележи дека некој во земјава е санкциониран за ширење говор на омраза на Интернет или лажен информативен материјал. На истата тема дали и како ќе го заштитат претстојниот гласачки процес од сајбер-напади и неконтролиран пласман на лажни вести во интернет-етерот и на социјалните мрежи побаравме мислење и од Министерството за внатрешни работи и секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.

Но до затворањето на весникот, за жал, не добивме информација од ресорното министерство како би постапило или постапува во вакви случаи или околности. Претходно претставниците на македонска влада на истата тема изјавија дека таа е критички насочена кон новата интернет-индустрија што врши манипулација со вестите.

Инаку, за поздравување е што Министерството за внатрешни работи во функција на полесно детектирање и справување со овие асоцијални и антисоцијални појави има воведено и апликација на својата интернет-страница, на која граѓаните можат да пријавуваат какви било сознанија или информации од оваа област. Апликацијата може да се најде на официјалниот сајт на МВР и е насловена „Црвено копче“.

Како што се наведува во објаснувањето за апликацијата, таа е наменета за пријавување какви било сознанија или информации од областа на злоупотреба на деца, криминал од омраза и повикување на насилство. Паралелно на ова, во моментов на Интернет во Македонија има неколку информативно-едукативни веб-страници чија главна цел е да ги информираат граѓаните за повеќе аспекти поврзани со говорот на омраза и лажните вести, но истите тие слабо се обновуваат и содржината објавена на нив е скромна и неразбирлива за обичните граѓани.