Фото: Маја Јаневска Илиева / Илустрација

Според родители што се и од ИТ-секторот, платформата како алатка треба да постои во образовниот систем, но не да биде примарна, туку да биде вклопена во сегашната ситуација како виртуелно место за дневен престој, како место за продолжување на активностите

НИЗА НЕДОУМИЦИ НА ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

Воведувањето на националната платформа за учење на далечина експресно стана дел од македонскиот образовен систем. Но и овој пат, искуството покажа дека за да стане перманентно нешто, прво мора да биде факултативно, да помине подолг период на практика и искуство. Тоа не беше случај со националната платформа за учење на далечина и поради тие причини сите заедно се доведовме до ваква ситуација. Наставниците и учениците почнаа да ја користат пред неколку дена, а уште од почетокот се соочуваат со технички проблеми. Додека трае часот, повеќе од прашањата на децата и наставниците се однесуваат на тоа дали е сѐ во ред од технички аспект (дали се слушаме, наставничке, ми се исклучи нешто и слично), одошто разговор и предавање во врска со материјалот предвиден за работа.

Стрпливост и посветеност

Според родители што се и од ИТ-секторот, платформата како алатка треба да постои во образовниот систем, но не да биде примарна, туку да биде вклопена во сегашната ситуација како виртуелно место за дневен престој, како место за продолжување на активностите на учениците. Мајка на второодделенец и на ученичка во трета година средно, а наедно и ИТ-експертка, вели дека не може платформата да биде универзална за сите ученици од 8 до 18 години.
– Алатката всушност е само патоказ кон водење онлајн час. Тука нема интерактивна алатка што ќе отвара нови вежби, задачи и слично. Таа е само прозорец, нешто слично на Зум. Состанокот е дефиниран во временска рамка зашто е синхронизиран со времетраењето на часот. Часот, на пример, трае од 10.15 до 10.45, по што следува нов час со друг наставник, и децата немаат простор да се дообјаснат. Друго, кој ќе му помогне на детето ако се исклучи сосема од часот, ќе знае ли само да се вклучи од почеток? Имаат ли училиштата добар и брз интернет за да функционира сево ова? Ова се само некои од прашањата што се наметнуваат. Некако како да се прескокнати многу фази во процесот на носење одлука платформата да стане универзална алатка за сите ученици од 8 до 18 години. На пример, на нов автомобил пред да се пушти на пазарот му се прават низа тестови и проби за да се видат издржливоста, перформансите, а нашите надлежни, уште несклопена, платформата ја ставија на улица – вели мајката.

МОН: Се движиме кон постигнување висок степен на адаптираност и функционалност и во вонредни околности и услови

„Нова Македонија“ се обрати во Министерството за образование и наука и праша кои ќе бидат придобивките и целта и дали МОН направило подетална анализа пред да ја донесе оваа голема одлука да се воведе во системот ваква алатка за учење.
– Македонија мора да се приспособи на новото време и сите сегменти мора да бидат адаптирани да функционираат и во вонредни околности и услови. Тоа е случај и со образованието. Воведувањето на националната платформа е предизвик за нашата земја, бидејќи досега не постоела воопшто ваква форма на настава и, свесни за можните предизвици, подготвени сме соодветно да одговориме. Ова е чекор кон значително осовременување на македонскиот национален образовен систем, кој полека фаќа чекор со европските стандарди за квалитет во оваа сфера.
Ниедна земја во регионот не користи национална платформа за учење. Од која развиена земја е земен овој модел со платформата? Планот не е нечија индивидуална одлука, велат во МОН.
– Во услови на пандемија, секоја земја подготвува своја стратегија и план за организирање на учебната година во вонредни околности. Владата преку надлежните институции во областа на образованието, а во соработка и преку јавна дебата со сите засегнати чинители изготви план за организирање на учебната година, кој е флексибилен и овозможува онлајн настава, настава со физичко присуство во училишта (доколку училиштата ги исполнуваат условите за организирање ваков тип настава во согласност со усвоени протоколи) и комбиниран модел на настава. Така што, планот не е индивидуална одлука, туку одлука базирана првенствено на препораките и насоките од здравствените власти по кои понатаму постапуваат креаторите на образовните политики во соработка со експертите и сите други учесници во воспитно образовниот процес – одговараат во министерството.

Платформата е базирана на платформата со отворен код Мудл и Мајкрософт тимс, кои се универзални и имаат широка примена во глобални размери. ФИНКИ изврши поставување на платформата, како и нејзина адаптацијата на потребите на основното и средното образование во државата, како и интеграција на истата со Мајкрософт тимс и другите постојни системи во образованието. Во секој случај, ИТ-инженерите тврдат дека се наѕира автоматизирана, едноставна и добро организирана платформа, но тест-периодот мора да помине што посистематично, со учество на сите засегнати страни, за да може крајниот продукт да биде квалитетен и подолготраен. Согласни се дека требало истиот тој да биде завршен до почетокот на учебната година, меѓутоа фактичката ситуација и состојбата со короната сега се такви и наложуваат трпение и преструктурирање во чекор.