Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според домашните политички аналитичари, доколку ваквите изјави доаѓаат од активни политичари и носители на активни функции, а не од пензионирани политичари, се и своевиден преседан, затоа што странски политичари индиректно и директно се обидуваат да влијаат врз исходот на резултатите во нашата земја. Сепак, според нив, изјавите на поддршка од странски политичари кон домашните политички субјекти нема да влијаат толку врз изборниот резултат колку што може да влијаат врз мотивираноста луѓето да се појават и да гласаат на избирачките места

КОГА СТРАНСКИ ПОЛИТИЧАРИ НИ КАЖУВААТ ЗА КОГО ДА ГЛАСАМЕ

Што значи и дали искажаната поддршка од странски политичари кон домашните политички партии за време на кампањата може да влијае врз конечниот исход од гласањето на изборите закажани за 15 јули?
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, вчера преку видеопорака испрати поддршка за СДСМ и за лидерот Зоран Заев во контекст на изборите. Санчез во обраќањето вели дека пораката ја испраќа не само поради социјалдемократскиот идеал туку и поради неговотo лично убедување.

– Владата на Заев работеше посветено на овој идеал во изминатите три години и придонесе за значителни подобрувања во однос на минималната плата, социјалната помош и пензиите. Пораката ја испраќам и како европеист. СДСМ, така гласи кратенката на партијата што ја предводи Заев на македонски јазик, која со договорот од Преспа стави крај на долготрајниот спор со Грција. Истовремено, напредувајќи кон надминување на спорот и со другиот сосед, Бугарија. Тоа ѝ овозможи на Северна Македонија да стане членка на НАТО во март оваа година и да дојде до чекор до почеток на пристапните преговори со Европската Унија – се вели во обраќањето на шпанскиот премиер.
Од друга страна, Карло Ангрисано, претседателот на Европските демократи, изрази подршка преку социјалните мрежи насочена кон ВМРО-ДПМНЕ. Тој во својата објава напиша дека силно ги подржува напорите на сестринските партии на претстојните избори.

Друг пример беше регистриран неделава кога германскиот министер за Европа Михаил Рот преку видеопорака упати поддршка до СДСМ и до коалицијата „Можеме“. Претходно, на сличен начин во време кога нашата држава добиваше помош за справување со пандемијата словенечкиот премиер Јанез Јанша се изјасни дека ја подржува ВМРО-ДПМНЕ во нејзиното политичко дејствување во Македонија. И на претходните изборни циклуси имало примери кога странски политичари отворено застанувале зад некоја од домашните политички партии.
Политичките аналитичари и политиколози со кои се консултиравме оценуваат дека поддршката на странските политичари на македонските политички елити, за време на кампањата за парламентарните избори, може да се протолкува како чин на солидарност од сестрински политички партии што дејствуваат во Европа.
Според нив, сепак, ваквите чинови што досега биле евидентни на многу минати изборни циклуси во суштина биле користени за брендирање на домашните партии и тие во практика не влијаеле многу на изборниот исход во Македонија.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека поддршката на странски политичари во изборни кампањи не е новост ниту во Европа ниту во Македонија. Според него, сето тоа преставува чин на соработка и солидарност меѓу политичките елити на Стариот Континент, која се овозможува преку вмрежувањето на домашните партии во нивните идеолошки матрици внатре во ЕУ.
– Конкретно изразената подршка од меѓународниот фактор врз домашната политичка елита на крајот од денот нема да влијае толку врз изборниот резултат колку што таа може да влијае врз мотивираноста луѓето да се појават и да гласаат на избирачките места – вели Арсовски.
Според последните настани, вели познавачот на случувањата, може слободно да се заклучи дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе активно се вмрежени во идеолошкиот круг на политички партии во Европа од каде што и практично им стигнува политичката поддршка од нивните идеолошки сојузници од другите европски земји.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека поддршката на странските политичари кон домашните табори на партиите е резултат на тенденција за градење одреден имиџ на домашните партии, кој во суштина нема ништо да промени на терен на денот на изборите.
– Станува збор за платени обраќања на странските политичари, кои на тој начин изразуваат божем поддршка на нивните македонски партнери. Тоа, според мене, во практика не се случува ако некој од странците нема финансиски бенефиции од македонската партија што ја застапува, иако за тој маркетиншки трик нема ништо спорно – вели Пекевски.
Сепак, објаснува политикологот, овој тип изјави, доколку доаѓаат од активни политичари и носители на активни функции, а не пензионирани политичари се и своевиден преседан, затоа што странски политичари индиректно и дирекно се обидуваат да влијаат на исходот на резултатите во нашата земја.

– Замислете што би се случило и какви реакции во јавноста би предизвикала хипотетичка состојба, ако наш политичар од профилот на Зоран Заев или Христијан Мицковски излезе на пример во Германија на видеоспот и каже гласајте за оваа опција таа е подобра за вашата земја – запрашува Пекевски.
Тој потсетува дека изјавите од овој тип на странски политичари за политичките односи во земјава најмногу беа евидентни изминативе години за време и по случувањата поврзани со потпишувањето на Преспанскиот договор.

[email protected]