Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постојат низа примери во кои секоја од властите од осамостојувањето, поради свои мотиви и побуди, укинува или поништува актуелни законски или подзаконски решенија, донесувајќи свои, при што се поттикнуваат верига механизми, вклучувајќи и исплаќање енормни материјални отштети, на штета на државниот буџет, јавните финансии, односно на штета на граѓаните. Која е причината за оваа појава и што предизвикува таа?

Одлуката на Владата за поднесување предлог-закон со кој ќе се прогласат за ништовни сите правни акти произлезени од процесот на лустрацијата, каде што се предвидува оштетените да можат да ја тужат државата за надомест на претрпената штета, во јавноста ги реактивираше дискусиите за обемот на материјалните штети што треба да ги исплати државата. Ова не е само во овој случај, туку постојат низа примери во кои секоја од властите, поради свои мотиви и побуди укинува или поништува актуелни законски или подзаконски решенија, донесувајќи свои, при што се поттикнуваат верига механизми, вклучувајќи и енормни материјални отштети, на штета на државниот буџет. Притоа, не станува збор само за отштети што треба да им се исплатат на граѓаните за одредена повреда на нивното право, предизвикано од одредена одлука (како споменатиот пример со лустрацијата), туку се проценува дека драматично поголеми се сумите што треба да ги исплати државата за непочитување (или свесно прекршување) милионски комерцијални договори од областа на стопанството.

Таквата практика на плаќање пенали од државниот буџет, заради промена на претходно изразената волја на државата за одредена работа или како што граѓаните популарно ја нарекуваат политика на пишман-аџија има своевиден континуитет уште од независноста на Македонија.

– Кога станува збор за отштета што би требало да ја добијат граѓаните од државата за повреда на некое нивно право, тоа право многу тешко се остварува. Државата бара (и најчесто наоѓа) начин да го избегне обесштетувањето на граѓаните. Уште од стекнувањето на независноста на Македонија, од разни злоупотреби на власта беа оштетени многу граѓани, а најмногу мислам дека има оштетени од приватизацијата, околу 150.000 граѓани. Потоа имаше и многу оштетени со девизното и пирамидалното штедење… На тие луѓе, никој ништо не им даде, односно не добија никаква отштета од државата. Што се однесува до погрешните економски одлуки, т.е. договори, на секоја власт ѝ е многу полесно да ги донесе, зашто знае дека на крајот сметката ќе ја платат граѓаните – вели Стојан Андов, првиот спикер на македонскиот парламент.

Пред владината иницијативата за создавање законска можност за обесштетување на оштетените од спроведувањето на поранешниот закон за лустрација, имаше повеќе одлуки (судски, владини, па и на локалната власт) за обесштетување граѓани, или согласност за плаќање отштета поради неспроведување договори потпишани од претходната власт. Во смисла на обесштетување на граѓани за прекршување на некое нивно законско право, најсвежо, а можеби и најголемо досега (42.000 евра), е она што му е одредено на разузнавачот Зоран Верушевски, за затворската казна што му беше досудена за случајот „Пуч“. Сепак, многу поголеми штети за јавните финансии доаѓаат од штетните одредби во политичко-економските договори, како и од одлуките за непочитување на некои други веќе претходно донесени одлуки. Најспоменуван случај во смисла на договор со штетни одредби е оној од продажбата на скопската рафинерија на грчката ОКТА, со кој македонската страна се обврзува да купува мазут во текот на две децении, во количества што никогаш не биле претходно трошени. Со таквиот договор, сумата што треба да ја добие грчкиот купувач е поголема од онаа што ја издвоила за купопродажбата, или едноставно Грците ја купиле македонската рафинерија со македонски пари и уште и заработиле.

– Сумите што треба да ги исплати државата како отштета на граѓаните врз основа на пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, па дури и од домашните судови, се минорни во однос на оштетите што треба да ги исплати за договорите склучени со коруптивни намери, со клаузули на штета на државата. Отштетите за граѓаните приближно се движат околу 100.000 евра на годишно ниво, додека за коруптивните бизнис-зделки се предвидени за исплата десетици милиони евра. Некогаш свесно се спроведуваат штетните договори, затоа што можеби е проценето дека загубата ќе биде помала или еднаква со исплаќање на пресудената отштета. И во двете опции, сметката е на штета на граѓаните – смета економскиот аналитичар Здравко Савевски.

Во мандатот на актуелната влада, прекинати се или променети повеќе проекти започнати од претходниците, за кои веќе биле потпишани договори со странски изведувачи. За прекинување започнати проекти како панорамското тркало или дислокација на клиничкиот центар, Владата проценила дека поисплатливо е да плати казна за прекршување на договорите, отколку во целост да го спроведе проектот. Таквите одлуки сепак се дискутабилни во економска смисла, а поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, смета дека сите компромиси меѓу политичките фактори што се прават во државата се секогаш на товар на јавните финансии, односно на сметка на граѓаните.

– Никој досега не направил анализа колку вкупно финансиска штета е направена на државата преку обврските да плаќа оштети, врз основа на пресуди од меѓународни судови, како на граѓаните, така и за некои коруптивни одлуки на политичките елити. За тоа е потребна голема истражувачка работа, за која очигледно нема политичка волја. Граѓаните дури и да добијат пресуда во своја корист за повреда на некое нивно право, многу тешко го остваруваат тоа свое право. Додека сите компромиси што се прават меѓу политичките партии се на штета на јавните финансии – вели Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија.

Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, заклучува дека сиромаштијата во Македонија не е падната од небо, туку има силни индикатори дека постои вкоренета корупција и во политичките елити, но и во сите досегашни власти и по вертикала и по хоризонтала, која мора бескомпромисно и во најбрз рок да се елиминира.

Фото: Игор Бансколиев