„Фајзер“ минатиот месец го почна клиничкото тестирање на лекот што спаѓа во класата протеаза инхибитори. Тие дејствуваат преку инхибирање на ензимите што му се потребни на вирусот да се размножува во човечките клетки и веќе се користат за спречување други вирусни патогени, како што се ХИВ и хепатитис Ц. Ако поминат клиничките тестирања и лекот добие одобрување од Администрацијата за храна и лекови на САД, тој би можел да се дистрибуира низ Америка кон крајот на годинава. Здравствените експерти сметаат дека терапијата е значајна, бидејќи заразените можат да ја користат и во домашни услови, при првите симптоми на зараза. Научниците се надеваат дека лекот ќе го спречува напредувањето на болеста, со што ќе го намали бројот на болнички случаи, а со тоа и оптовареноста врз здравствените системи

Експериментален лек на „Фајзер“ дава голема надеж во борбата против ковид-19

Експериментален лек на „Фајзер“ претставува нова надеж во борбата против ковид-19, откако стигнаа оптимистички најави од американскиот фармацевтски гигант дека би можел да направи голема разлика во справувањето со пандемијата. Новата антивирусна терапија што се зема орално би можела да стане достапна до крајот на годинава, како што соопшти извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, во изјава за Си-ен-би-си. Компанијата минатиот месец го почна клиничкото тестирање на лекот што спаѓа во класата протеаза инхибитори. Тие дејствуваат преку инхибирање на ензимите што му се потребни на вирусот да се размножува во човечките клетки и веќе се користат за спречување други вирусни патогени, како што се ХИВ и хепатитис Ц. Ако поминат клиничките тестирања и лекот добие одобрување од Администрацијата за храна и лекови на САД, тој би можел да се дистрибуира низ Америка кон крајот на годинава. Здравствените експерти сметаат дека терапијата е значајна бидејќи заболените можат да ја користат и во домашни услови, при првите симптоми на зараза. Научниците се надеваат дека лекот ќе го спречува напредувањето на болеста, со што ќе го намали бројот на болнички случаи, а со тоа и оптовареноста врз здравствените системи.
Тестирањата на првото апче создадено за спречување на коронавирусот се одвиваат во просториите на „Фајзер“ во САД и во Белгија, како што објави британски „Телеграф“. Во експериментот учествуваат до 60 доброволци, на возраст помеѓу 18 и 60 години, кои го примаат лекот. Клиничките испитувања ќе бидат поделени во три фази и ќе се одвиваат во текот на 145 дена, со дополнителни 28 дена за скрининг и дозирање. Од учесниците ќе се бараат и неколку ноќевања во текот на испитувањата.
Лекот што се испитува е познат под називот ПФ 07321332. Тој е класифициран како протеаза инхибитор создаден за да го нападне „’рбетот“ на вирусот и да го спречи да се размножува во носот, грлото и белите дробови на заразениот. Експерименталното апче на „Фајзер“ било развиено во текот на пандемијата. Првите седум милиграми, кои не изнесуваат повеќе од една капка, биле создадени кон крајот на јули минатата година. До крајот на октомври биле произведени 100 грама, а две недели подоцна „Фајзер“ имал над еден килограм од лекот, на што работеле 210 истражувачи.

Компанијата засега е тивка во врска со деталите на лабораториските тестирања, кои ги заврши, но соопшти дека лекот покажал „потентна антивирусна активност против ковид-19“, како и активност против други коронавируси, со што се отвора можност да се користи против обичната настинка, како и против идни пандемиски закани. Се смета дека „Фајзер“ сега е во трка со времето, бидејќи ќе треба да произведе лек што дејствува додека ковид-19 уште е голема закана по јавното здравје.
Неколку други компании, меѓу кои се и „Рош“ и „Астра зенека“ веќе тестираат антивирусни лекови во форма на таблета. Досега во најнапредна фаза е „молнупиравир“ од „Мерк“ и „Риџбек биотерапевтика“. Според првичните сознанија, овој лек не им помага на хоспитализираните пациенти, но покажува ветувачки знаци кај оние со поблаги симптоми. Наесен се очекуваат резултати од голема студија поврзана со неговата примена. Ако испитувањата бидат успешни, лекот би можел да се зема и во домашни услови при првите знаци на заразата, слично како и другите лекови што се користат против грипот.

Развојот на терапија за респираторните болести е особено тежок бидејќи дозите треба да бидат доволни за лекот да продре длабоко во белите дробови, но не и во количества во кои би биле штетни. А истражувањата се одвиваат бавно и затоа што вакцините добија приоритет. Извесно е оти вакцините помагаат во сузбивање на заразата, но потребни се и полесни и подостапни лекови, особено додека се појавуваат и нови мутации на вирусот. А најголемата потреба претставува апче што ќе може да се користи и во домашни услови. С.Н.М.