Независната кандидатка за градоначалничка, Ана Петровска изрази незадоволство од спроведувањето на локалните избори. Таа потенцираше дека тоа го констатирале набљудувачите.

Петровска, пак, смета дека процесот за трансформација на Скопје во зелен хуман град е започнат. Таа вели дека премногу е рано за да се зборува за резултати: „Она што пристигнува до нас, од нашите набљудувачи имаме убава застапеност во смисла на процент на освоени гласови, што ќе значи голем број советници во Град Скопје. Но да почекаме до официјалните резултати“.

– Сакам да го изразам своето незадоволство од начинот како се организирани и спроведени локалните избори. Од наши набљудувачи од терен добиваме информации за бројни нерегуларности, импровизации и несоодветно толкување на Изборниот законик – рече Петровска.

Драгана Велковска, носителка на советничката листа од „Зелен хуман град“ за Град Скопје вели дека тие се револтирани од како што рече, непрофесионалноста во спроведувањето на изборите. Таа смета дека нерегуларностите кои ги посочи можат да влијаат врз легитимноста на конечните резултати, па најавија и приговори, но и кривични пријави.