Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска од собраниската говорница изрази задоволство што по 19 години, ќе се спроведе попис како исклучително важна статистичка операција нагласувајќи дека тоа не им е само обврска туку и должност на институциите редовно да ја спроведуваат оваа активност.
– Одржувањето на пописот е важно од повеќе аспекти, со него се прибираат податоци, кои подоцна ќе бидат користени од страна на државните институции, но и од страна на приватниот сектор и од меѓународните институции кога се прават планови за развој и унапредување на општествено-економските текови во нашата држава – истакна од собраниската говорница пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.

Таа нагласи дека ние доцниме со одржувањето на пописот и затоа секоја теорија или намера за негово одлагање е за деструктивна и лоша намера, која е спротивна на интересите на граѓаните и на државата.

– Како млад и прогресивен политичар, немам намера тоа да го одобрам, ниту да го поддржам – рече Петровска додавајќи дека обезбедувањето на податоците, кои се нужно потребни за рамномерен и правилен економски развој, е нешто што е од интерес на државата и граѓаните и токму затоа оваа операција ја сметам за патриотски чин.

– Она што е особено важно за градење на довербата е дека при спроведување на пописот ќе се користат податоци од електронскиот регистар на населението, кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со базите на податоци на другите институции. Значи дека е невозможно да се попишат лица што не постојат – нагласи Петровска.

Таа појасни дека во законот е предвидено да се користат базите на податоци на Министерството за внатрешни работи, како и од министерствата за информатичко општество и администрација, за образование и наука, за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за водење на матичните книги, Управата за катастар на недвижностите и на Државниот завод за статистика.

– Токму затоа не се оправдани стравувањата дека пописот нема да даде точни податоци – рече Петровска додавајќи дека базата на податоци на МВР за гранични проверки не е наведена бидејќи во неа, во согласност со Законот за граничната контрола и европските стандарди, сите лица и превозни средства што ја поминуваат нашата државна граница не се евидентираат и ако се користи таа база на податоци, нема да ја имаме точната слика.

– Јас лично немам сомнеж дека пописот ќе биде спроведен по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и според прописите на Евростат и што е најважно – со овој закон е предвидена можност да се попишат сите државјани на нашата држава за, конечно, да знаеме колку сме и каде сме. Овој закон не фаворизира ниту една етничка заедница и затоа секој обид за такво претставување го ценам како деструктивно и злонамерно – истакна пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.