Претседателот на државата, Стево Пендаровски до петок на полноќ ќе го додели мандатот за составување на Влада. Пендаровски за ова прашање се консултирал со експерти, а заклучокот бил јасен, дека парламентот е конституиран на 4 август и дека тече 10-дневниот рок за доделување на мандатот.

Ваквата одлука е донесена и покрај тоа што поранешниот претседател на парламентот Талат Џафери вели дека парламентот не е конституиран.

– Во врска со изјавите изнесени од претседавачот Талат Џафери во интервју на ТВ 21 информираме дека претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: за да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни опции – велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Во прилог тие ги испраќаат извествањата од претходниците на Џафери, Стојан Андов (од 2006) и Трајко Вељаноски (2016) со кои го информираат претседателот на државата дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите и дека тече рокот за доделување мандат за составување влада.

Џафери синоќа изјави дека „неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците”.