Вестите од Бугарија зборуваат за „тврд став и на опозицијата и на власта во однос на нашата земја, така што кој и да дојде по изборите, ќе нема битна измена, истакна претседателот Стево Пендаровски во синоќешното интервју за телевизија „Клан“.

Тој, сепак, се надева дека ќе се најде формулација со која нема да се негира нашето основно право како се чувствуваме и се декларираме, и оти на таков начин ќе успееме да ги почнеме преговорите со ЕУ, со помош на, како што истакна, нашите европски пријатели во Брисел.

Пендаровски нагласи и дека не треба да се навлегува во барања поврзани со самоопределувањето, одговарајќи на прашањето за позициите на Софија за идентитетот, јазикот и постоењето на македонско малцинство во Бугарија.

Претседателот очекува и засилен ангажаман на САД на Западен Балкан по победата на Џо Бајден, бидејќи во неговата администрација има луѓе кои имаат директни искуства во регионот.