Претседателот Стево Пендаровски по лидерската средба соопшти дека едногласно сите донеле заклучок дека здравјето на граѓаните останува и натаму приоритет. Тој вели дека од Комисијата за заразни болести ќе бидат побарани мерки и препораки на однесување во изборен процес во време на пандемија од ковид-19. Од ОБСЕ/ОДИХР ќе биде побарана временска рамка во која ќе може да испратат набљудувачи за изборниот процес.
– Предмалку заврши средбата на претседателите на политички партии кои самостојно освоија мандати на последните парламентарни избори на која се дискутираше за одржувањето на предвремените избори. Со консензус беше одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет. Во однос на понатамошните чекори, договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемија на ковид-19. Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои ѝ се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. Почетокот на идната седмица ќе има повторно лидерска средба на која ќе се дискутираат понатамошните чекори – се вели во соопштението.