Претседателот Стево Пендаровски се сретна со принцот Едвард, грофот од Весекс, кој престојува во официјална посета на земјава. Пендаровски ја оцени посетата на принцот како потврда за силните врски меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

-Претседателот Пендаровски го запозна принцот Едвард со приоритетите во неговата работа во следните пет години, со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели на државата – членство во Европската Унија и во НАТО. Претседателот Пендаровски посочи на потребата од подобрување на перспективите за младите, преку стипендирање на студентите и истражувачите, поддршка за научниот и технолошкиот напредок на државата и преку поддршка на младински иницијативи, а со цел спречување на одливот на мозоци од земјата, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Принцот Едвард изразил задоволство од можноста по вторпат да ја посети Македонија и на претседателот Пендаровски му честитал за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во неговата работа.