Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими Васил Стерјовски, пратеник со македонско потекло од политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција во собранието на Република Албанија. Пратеникот Стерјовски беше придружуван од Таќо Гроздани, генерален секретар на партијата.

На средбата беше разговарано за актуелната состојба шредизвикана од пандемијата на ковид-19, начинот на справување во Албанија, како и во регионите во кои живее македонско население во земјата.

Соговорниците го информираа претседателот Пендаровски за тековните активности на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија во насока на унапредување на положбата на Македонците во Албанија, како и односите меѓу двете земји.

Претседателот Пендаровски констатира дека Македонија и Албанија имаат одлична соработка, а работата на Македонската алијанса може да придонесе кон унапредување на релациите, како и поврзување на заедниците во двете земји.

Покрај добрите соседски односи, двете земји сега имаат проширена можност за соработка како членки на НАТО, како и размена на искуства во европската интеграција.


Спасовски се сретна со пратеникот Стерјовски од албанскиот Парламент

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, се сретна со Васил Стерјовски, пратеник во Собранието на Република Албанија и претседател на политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција од Република Албанија, придружуван од генералниот секретар на партијата, Таќо Гроздани.

На средбата е разговарано за начинот на којшто се справуваат со здравствено-економската криза Македонците кои живеат во Голо Брдо и Мала Преспа.

Разгледани се можности како Република Македонија би можела да им помогне на социјално загрозените семејства во Голо Брдо и Мала Преспа, во справувањето со последиците од пандемијата.

На состанокот е констатирано дека добрите меѓудржавни односи на Македонија и Албанија имаат одраз и во грижата за подигнување на квалитетот на живот на Македонците во Република Албанија, преку проекти за подобрување на комуналната инфраструктура во местата во коишто живеат.