Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со Давид Сасоли, претседател на Европскиот парламент.

На средбата, Пендаровски изрази задоволство за постојаната и отворена поддршка за европската интеграција на Македонија од страна на Европскиот парламент. Истовремено тој го поздрави усвојувањето на резолуцијата по исходот од октомврискиот Европски совет.

Усвојувањето на резолуцијата со којашто се бара отпочнување на претпристапните преговори за Македонија и Албанија, како што истакна претседателот Пендаровски, би помогнало да се одржи мотивацијата кај нашите граѓани. Во оваа насока тој изрази и задоволство што Европскиот парламент останува посветен на проширувањето.

На средбата со Сасоли, Пендаровски подвлече дека одлуката на последниот самит на лидерите во Брисел беше неповолна со оглед на тоа што земјата презеде крупни чекори во внатрешните реформи и добрососедските односи, со цел да напредува во европските интеграции. Тој додаде дека одлуката на Европскиот совет да се наврати на прашањето на проширувањето идната пролет може да биде демотивирачка за Македонија и за целиот регион на Западен Балкан.

Пендаровски истакна дека европската интеграција останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирањето на европските стандарди.