Спорот со Бугарија може да се реши само ако доследно се почитува и македонскиот и бугарскиот народ и со избегнување на опасната стапица на историскиот ревизионизам, вели претседателот, Стево Пендаровски, во интервју за Дојче Веле кое утре ќе биде објавено во целост.

Пендаровски коментира дека го гледал интервјуто на премиерот, Зоран Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС, а во дел од коментарите на македонската јавност забележал дека е присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање.

Во делот од интервјуто што го објави Дојче Веле, Пендаровски изјавува дека со Заев се согласни дека некои личности и настани можат да се слават од обете страни, но дека македонскиот народ има своја посебна историја, исто како што има и бугарскиот народ.

Заев во интервјуто за БГНЕС вчера рече дека Пендаровски е посветен на договорите со соседите, а изјавата на шефот на државата дека односот на Софија кон Скопје е наследство од режимот на Тодор Живков, ја препиша на неискуството.