Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Полска, оствари билатерални средби со маршалот на Сејмот, долниот дом на полскиот парламент, Елжбијета Витек и со маршалот на Сенатот, горниот дом на полскиот парламент, Томаж Гроцки.

На средбите беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји. Оценувајќи дека Полска е ценет партнер на Македонија во нејзините напори за членство во Европската унија и во НАТО, претседателот Пендаровски повика на натамошна засилена соработка на парламентарно ниво меѓу двете држави, со цел размена на искуства и унапредување на севкупната билатерална соработка.

Претседателот Пендаровски на средбите се заблагодари што Полска беше меѓу првите земји-членки што го ратификуваа протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Пендаровски исто така посочи на важноста за одржување и унапредување на динамиката во политичкиот дијалог меѓу двете држави.