Фото: Архива

Полна сала, полно срце. Сите ова го чекавме пет години. Дојде време да си го земеме она што ни го земаа тогаш – огромна победа за сите нас, за нашата држава, за нашето заедичко утре. Со овие зборови претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја почна вечерашната конвенција во Скопје.

-Немам намера ниту една секунда да трошам на тоа што опозицијата нуди на овие избори, зашто не нуди ништо. Само сакам да порачам дека не смееме да се коцкаме со иднината на земјата и да ставиме под ризик се што успеавме да постигнеме. Да му дадеме легитимитет на патот што го одиме овие две години, да не се занесуваме дека некој може да не внесе во ЕУ и НАТО ако го поништи Преспанскиот договор или Законот за јазици. Тоа е пропаганда што не ни носи добро ни како на луѓе, ни како на држава, истакна Пендаровски пред присутните во СРЦ „Борис Трајковски“.

Според него, главниот слоган на Шарената револуција „Нема правда, нема мир“, не смее да се заборави. Напротив, тоа, како што рече Пендаровски, ќе биде и негов принцип како иден претседател.

Конвенцијата почна со интонирање на македонската химна во изведба на Весна Гиновска Илкова, а ја следеа сите присутни во салата. С.Н.М.