Претседателот Стево Пендаровски, по смената на власта во Грција, не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор, но очекува, како што вели, малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од земјава.

– Не очекувам пресврт. Очекувам веројатно малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот. Значи, да појаснам или преведам, не очекуваме опструкција од новата грчка влада, сега во октомври, кога треба наводно да се донесе конечна одлука за отворање на преговорите, за датум на преговорите. Меѓутоа, се разбира дека очекувам поради нивниот познат политички став од претходно дека, наредниве месеци и години, во рамките на преговорите по различни поглавја, ќе бараат стриктна имплементација на некои одредби од договорот од Преспа, особено во делот на трговските ознаки. Имаме формирано посебна комисија, која треба да ги означува сите продукти што излегуваат од северниот дел на Грција и од Северна Македонија и можеби во тој дел ќе бараат поригидна имплементација на договорот, кој е инаку јасен и во тој сегмент – изјави претседателот Пендаровски во интервју за регионалната телевизија Н1, за време на неговото учество на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан во Сараево.

Во врска со процесот на пристапување на земјава во ЕУ, тој вели дека е свесен оти Европската Унија се занимава сама со себе, но дека таа мора да знае дека Балканот е 30 години во транзиција и мора да види светло на крајот од тунелот.

Тој очекува Македонија наесен да ги почне пристапните преговори за членство со ЕУ.

– Објективно, сите ние во Северна Македонија сме малку разочарани од тоа двојно говорење од страна на Европската Унија како целина. Минатата година во Софија на самитот ние имавме чиста, кристална формулација дека Република Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи. Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одложување на процесот и ние го прифаќаме тоа. Ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата Европска Унија. Меѓутоа, го поставуваме прашањето – што ако во меѓувреме некој друг парламент, исто од технички причини, го одолжи процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже не, и ние имаме повторно одложување – додава претседателот Пендаровски.

Тој го повтори својот став искажан на самитот во Сараево, дека внатрешната трансформација на ЕУ и пристапните преговори со земјите-кандидати треба да се одвиваат паралелно. П.Р.