Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, кој престојува во посета на Македонија.

Во текот на разговорот, Пендаровски и министерот Дендијас разменија мислења за билатералните односи меѓу Македонија и Грција, состојбите во регионот, како и за актуелните случувања и состојби во Авганистан.

Двајцата соговорници изразија задоволство од динамиката на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, а во овој контекст, Пендаровски најави дека во тек се подготовките за првата официјална посета на Грција, предвидена за наредниот месец. Пендаровски изрази очекување дека посетата ќе придонесе кон уште подинамичен дијалог и кон дополнително унапредување на соработката меѓу двете земји.

Истовремено, осврнувајќи се на билатералните односи, Пендаровски изрази задоволство од нивото на економската соработка меѓу двете држави која бележи значителен напредок, при што оцени дека потпишувањето на Договорот од Преспа не само што ги нормализираше политичките односи, туку позитивно влијае и врз севкупните економски односи меѓу двете држави.

Во контекст на имплементацијата на Договорот од Преспа, претседателот Пендаровски посочи дека е неопходно негово натамошно имплементирање, како и ангажман од двете страни, за да се обезбеди брзо и непречено продолжување на работата на воспоставените тела со Договорот.

Покрај ова, во текот на разговорот двајцата соговорници разменија мислења и информации за процесот на македонската евроинтеграција, при што, искажувајќи благодарност за грчката поддршка на тој план, претседателот Пендаровски посочи дека усвојувањето на рамката за преговори останува наш приоритет.

На средбата, претседателот Пендаровски се заблагодари и за грчката донација од 20.000 вакцини против ковид-19, како и за укажаната помош во справувањето со пожарите во Гевгелија на почетокот на овој месец.