Фото: Игор Бансколиев

Лидерот на СДСМ по добивањето на мандатот обелодени дека во моментот нема обезбедено парламентарно мнозинство, но во рок од 20 дена, а можеби и порано, си зема задача да состави програма и стабилна влада, која е подготвена да работи и да им служи на сите граѓани еднакво, ослободена од какви било етнички и други предрасуди и, како што кажа, за цел четиригодишен мандат

Претседателот Стево Пендаровски, повикувајќи се на Уставот, вчера му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како предводник на коалицијата „Можеме“, бидејќи, како што рече, освоиле најмногу пратенички мандати. Во рок од 20 дена, Заев треба да обезбеди парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник. Во спротивно, мандатот ќе го добие следната политичка партија со најмногу освоени пратенички места на изборите одржани на 15 јули.
– Чест и одговорност ми е, во согласност со Уставот, како предводник на коалицијата „Можеме“, која освои најмногу места во парламентот, да го добијам мандатот за составување нова европска и демократска влада. Од овој момент во рок од 20 дена имаме задача да составиме програма и стабилна влада, која е подготвена да работи и да им служи на сите граѓани еднакво, ослободена од какви било етнички и други предрасуди – рече Заев.
Првиот човек на СДСМ најави дека ќе предложи квалитетни, отчетни и одговорни кадри, кои силно ќе се борат против корупцијата. Новата влада во најголема мера, според него, ќе биде посветена на новата економија и ќе го следи јасниот правец за кој се определени мнозинството граѓани.

Во формирањето влада, според него, црвена линија треба да бидат интересите на граѓаните за идната влада.
– Очекувам за најмногу 20 дена, а лично очекувам, и порано, Македонија да добие влада, која од прв ден ќе работи на обезбедување повеќе пари и подобар живот на сите граѓани – порача тој.
Заев истовремено најави дека во текот на денот ќе има нова средба со Ахмети, додавајќи дека имаат успех за некои прашања, но има и доста сериозни прашања што се нерешени.
– Опции постојат, нашата земја треба да има влада што поскоро за да се зафати со сите домашни и меѓународни предизвици – рече Заев.
Според него, претстојните 20 дена се нивниот „мегдан да формираат влада и парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник“, а амбицијата, како што кажа, е четиригодишен мандат.

На прашањето што ако не формира влада за 20 дена дали ќе го врати мандатот, Заев потсети на ситуацијата од претходните избори кога ВМРО-ДПМНЕ го врати мандатот, а тој доби шанса и успеа.
Во меѓувреме, лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера изјави дека двете партии ќе ги продолжат разговорите. Тој порача дека ако се барикадираме нема да биде добро за земјата, не е добро ни да се оди на предвремени избори.
– Во ДУИ ќе доминираат логиката и разумот. Ние имаме добра волја да ги надминеме разликите. Јас сум љубопитен и чекам да слушнам уште посилни аргументи за платформата што сме ја претставиле и ќе ги соочиме фактите – изјави Ахмети.
Тој посочи дека ДУИ е фактор на стабилност во државата и нема да дејствува со притисоци.

– ДУИ работи со ладна глава и огнено срце. Преговорите ги водат партии со големо политичко и преговарачко искуство. Работите не се во лош правец, работите се толку блиску колку што се и далеку. ДУИ е фактор на стабилност во државата, нема да дејствува со притисоци туку ќе најдеме правилен пат за да ѝ служиме на државата и колку што можеме полесно да ги надминеме сите тешкотии со кои се соочуваме како последица на коронавирусот. Во оваа земја сме биле и секогаш ќе останеме конструктивни, а не невидливи непријатели како што е ковид-19 – рече Ахмети.


Мицкоски: Мандатот е узурпиран и киднапиран

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера на прес-конференција информира дека претседателот на државата Стево Пендаровски го прекршил Уставот со тоа што му го доделил мандатот на, како што рече, пратеникот Зоран Заев.
– Без никаков доказ за поседување парламентарно мнозинство, кој е неопходен од најмалку 61 пратеник, тој му го довери мандатот за состав на нова влада на пратеникот Зоран Заев – рече Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, од тука од овој момент, не може никако поинаку да се опише оваа состојба, освен дека мандатот е узурпиран или киднапиран и е во рацете на човек каков што е Зоран Заев.
Ова преставува продолжување на неславната практика на прекршување на Уставот, при што сега активен учесник е и претседателот на државата, рече Мицкоски.

– Пендаровски ни збор не кажа за поскапувањето на струјата, за пропаста на една банка, за катастрофалното справување со кризата со ковид-19, за блокадата на македонските граѓани, за економското цунами, за изборниот грабеж, за злоупотребите на вонредната состојба, за неизвесноста од почетокот на учебната година…, а денеска го видовме како му го дава мандатот на пратеник што нема мнозинство – изјави Мицкоски.
Со ова, рече Мицкоски, Заев доби уште 20 дена во обидите да обезбеди мнозинство со купување пратеници и други непринципиелни потези.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ напомена и дека постојат загрижувачки информации, кои велат дека во овие моменти се врши притисок врз пратеници од неговата партија, но и од партиите на другите парламентарни групи со намера преку нудење привилегии да се обиде да се даде поголема подршка на можноста за формирање влада предводена од СДСМ.


Џафери го откажа продолжувањето на конститутивната седница

Претседавачот на конститутивната собраниска седница Талат Џафери поради објективни семејни причини денеска нема да го закаже продолжението на седницата, се вели во официјалното известување од неговиот кабинет.
Тој eден ден претходно на Фејсбук објави дека добил внук од ќерка.
Инаку, за потсетување, во вторникот Џафери најпрво го закажа продолжувањето на конститутивната седница, која почна на 4 август. Тој за ова ги известил сите парламентарни партии, а седницата требаше да заврши со избор на нов претседател на Собранието. Во текот на вчерашниот ден тоа не се случи.


Реакции по доделувањето на мандатот

Во своја објава на Фејсбук за актуелните случувања, професорката Биљана Ванковска напиша дека Заев со изјава потврдува дека Пендаровски му дал мандат за формирање влада без да има пред себе каков било доказ дека има обезбедено мнозинство во парламентот.
– Со тоа (уште еднаш) флагрантно се крши Уставот, СДС станува уште поголем заложник на ДУИ и на другите албански партии, а земјата влегува – пардон, го продолжува интеррегнумот, вакуумот во кој не се знае кој јаде, кој пие, ама се знае кој плаќа… – напиша Ванковска.

Адвокатот Александар Тортевски на Твитер истакна дека на избори одевме во ек на корона ама сепак мора да се признае дека мекиците се навистина сериозна причина за одложување на седницата на Собранието.
Професорката Тања Каракамишева во своја објава на социјалните мрежи истакна дека Заев на прес-конференција дал ново толкување на Уставот од малиот џеб. Професорката запраша кој го учел така.

Арсим Зеколи, пак, смета дека молкот на меѓународната заедница во постизборието не рефлектира нешто особено значајно или двосмислено, со оглед на тековните ферагосто-одмори и обидот да се оградат од какво било обвинување или забелешка за перципирано заземање страни во процесот на преговори за составување влада.

[email protected]