Претседателот на државата, Стево Пендаровски, беше домаќин на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Како што информираат од кабинетот на Пендаровски, на средбата Џафери му честитал на новоназначениот претседател за стапувањето на функцијата и му посакал успешна работа во следните пет години.

Пендаровски, пак, го посочил значењето на Собранието во реализацијата на реформската агенда и на парламентарната димензија во остварувањето на интересите на државата на меѓународен план.

Двајцата соговорници се договориле за натамошна поблиска координација на двете институции во корист на граѓаните.

Пендаровски и Џафери особено ја истакнале важноста сите релевантни институции во државата да ги насочат севкупните капацитети кон реализација на следниот чекор во европската интеграција – одредување датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.