Фото: Дарко Андоновски

Мирни изборен ден и еуфорична победничка атмосфера по гласањето во штабовите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, е првичната оцена од вчерашниот прв круг на претседателските избори. Според првичните неофицијални резултати објавени од ДИК, но и потврдени од партиските штабови, претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска-Давкова, влегуваат во вториот круг на 5 мај, додека од понатамошната трка испаѓа кандидатот Блерим Река, кој беше поддржан од Алијансата за Албанците и Беса. Разликата во освоени гласови во првиот круг меѓу Пендаровски и Сиљановска-Давкова е многу тесна и изнесува од 1,5 до 3 проценти, за едниот или другиот, во зависност од изворот. По обелоденувањето на првичните резултати, Река истакна дека нема намера да тргува со своите гласови во вториот круг. Инаку, според првичните резултати објавени на веб-страницата на ДИК од обработени 65,52 отсто од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, со 45,21 проценти, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска-Давкова со 41,39, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со 11,81 отсто.

Изразено во освоени гласови, од досега преброените, за Пендаровски гласале 197.923 граѓани, за Сиљановска 181.198, а за Река 51.701 граѓанин.

Одзивот во првиот круг на претседателските избори до 18.30 часот изнесуваше 39,71 отсто, од обработени 91,54 проценти од избирачките места, или на гласање излегле околу 700 илјади граѓани.

По ваквите првични информации синоќа во ВМРО-ДПМНЕ владееше славеничка атмосфера. Од најголемата опозициска партија првичните изборни резултати ги толкуваат како победа на Македонија над северна и триумф на правдата над неправдата.

Сепак шефот на изборниот штаб на Пендаровски, Александар Кирацовски прецизира дека Пендаровски води со 2,5 проценти пред Гордана Сиљановска-Давкова.
Одговарајќи на новинарско прашање, Кирацоски кажа дека одзивот не е мал, тој е над 40 проценти, додавајќи дека најверојатно на граѓаните во земјата им е здодеано од избори во изминативе 12 години и тие се изморени од политиката.
По затворањето на избирачките места синоќа, некаде околу 19.30 часот, пред јавноста најпрво се огласија од изборниот штаб на СДСМ.

– Изборниот ден помина во исклучителна мирна, фер и демократска атмосфера.
Имавме кристално чист прв изборен круг од претседателските избори. Имавме скандинавски избори, како што ѝ доликува на држава, идна членка на НАТО и ЕУ – оцени Александар Кирацовски, шеф на изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Тој нагласи дека позитивната, фер и демократска атмосфера, која била одлика на кампањата продолжила и за време на изборниот ден на сите избирачки места во целата земја.

– Република Северна Македонија спроведе мирни, фер, слободни и демократски избори. Институциите со сите свои капацитети овозможија изборите да поминат во најдобар тек што е многу важно за нас како држава, која многу скоро ќе ги почне преговорите со ЕУ – рече Кирацовски.

Нагласи дека очекува оваа атмосфера да продолжи и во кампањата што претстои и во вториот круг и на 5 мај, кога ќе се гласа за оние двајца што ќе добијат најмногу гласови во првиот круг.

Според информациите што ги добил од ДИК, веќе има над 42 отсто одзив во првиот круг.

Од друга страна, во првичната реакција по изборниот ден, шефот на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, изрази огромна благодарност до граѓаните, до секој еден човек во државата, за секој еден глас, за оние што излегоа на гласање, но и за оние што не излегоа на гласање.

Според него, имавме изборна кампања со низа прекршувања.

– Ќе споменам дека имавме генерално мирен изборен ден, рече Јанушев.
Македонија ни дава сила.

Вечерва победува Македонија, вечерва победува правдата, стигнува правдата во Македонија, честитоста наспроти неправдата. Македонија против северна, македонската пролет се случува – истакна Јанушев.