Претседателот Стево Пендаровски се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, кој престојува во работна посета на Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа оценети како пријателски односи исполнети со доверба и взаемно почитување.

Претседателот Пендаровски истакна дека Македонија високо ја цени поддршката од Германија за нејзините аспирации за членство во Европската Унија и во НАТО. Во тој контекст, претседателот Пендаровски го истакна значењето на комплетирањето на процедурата за ратификација на протоколот за членство на Македонија во НАТО од страна на Германија. Претседателот Пендаровски на министерот Мас му се заблагодари за силната поддршка од германска страна за отворање на пристапни преговори за членство на Македонија во Европската Унија, за искажаната солидарност со државата по последниот Европски совет, како и за фактот што Германија го држи прашањето за проширувањето во фокусот на агендата на ЕУ.

Пендаровски истакна дека и покрај отсуството на одлука на последниот Европски совет за почеток на пристапните преговори на Македонија со Унијата, европската интеграција останува наша стратешка цел. Претседателот изрази очекување дека наскоро ќе се дефинира новата методологија за водење на пристапните преговори и ќе биде донесена одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија. За нашата држава, истакна претседателот Пендаровски на средбата, не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправното членство во ЕУ.