Шансата да се задржат младите луѓе во регионот е во тоа Западен Балкан да почне да ги користи сопствените ресурси и да продолжи со регионални автономни инцијативи, создавајќи нешто како мала ЕУ, изјави претседателот Стево Пендаровски во Нови Сад.

Тој на Форумот на млади лидери истакна дека младите во регионот имаат право да бараат работа низ светот доколку политичарите не им пружат соодветна перспектива, пренесе српски „Блиц“.

-Тие имаат само еден живот, сите имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, а притоа просечната плата во земјата изнесува 400 евра. Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава – рече Пендаровски.

Тој смета дека Западен Балкан покрај проблемите на економски план, го мачи и апсолутната зависност од помошта од ЕУ.

-Ако не добиеме помош од ЕУ, како да не знаеме што би требало да правиме. Тешко е да се ослободиме од тој менталитет, иако има исклучоци. Идејата и креативноста на луѓето во регионот не е искористена ни 10 отсто – вели Пендаровски.

Потсетувајќи дека ЕУ не го одобри почетокот на пристапните преговори, Пендаровски додаде: „Го променивме името на земјата само за да станеме дел од ЕУ, но Унијата тоа не го зеде в предвид и тоа е голем удар за сите луѓе во мојата земја“.