Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими вршителот на должност помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија, Филип Т. Рикер.

На средбата беше разговарано за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и САД, за евро-атлантските перспективи на нашата држава, како и за актуелните случувања во регионот.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за безрезервната поддршка и помош што САД ја даваат на нашата држава од самиот почеток на независноста, особено изразена во остварувањето на нашите евро-атлантски аспирации, наша трајна стратешка определба.

– На тој пат, Северна Македонија ќе продолжи тесно да соработува со САД, како наш долгогодишен сојузник и поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, како и во областа на јавната администрација – порача претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски изрази очекување дека до крајот на годината ќе биде завршено ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО во сите земји-членки, меѓу кои и во САД, со што Македонија ќе стане 30-та членка на најуспешната воено-политичка алијанса.

– Нашето зачленување во Алијансата ќе претставува конкретна потврда на заложбите на САД за стабилна, сигурна и економски развиена Северна Македонија и одраз на волјата на мнозинството наши граѓани кои сакаат да ја видат Северна Македонија како членка на евроатлантските институции – рече Пендаровски.

Вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Т. Рикер, му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, додавајќи дека САД ќе продолжат силно да ги поддржуваат демократските реформи во Македонија, со цел нејзино целосно интегрирање во евро-атлантските организации.