Претседателот, Стево Пендаровски, го потпиша Инструментот за пристапување на земјава кон НАТО, што претставува финален чекор за членството во НАТО.

– Со овој документ, јас како Претседател на државата, свечено изјавувам дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој Договор. Почитувани граѓани, ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во НАТО алијансата. Вредеше што се вложивме, затоа што на нашите идни генерации им овозможуваме поголема стабилност, безбедност и просперитет. Нека ни е со среќа – рече претседателот Пендаровски по потпишувањето.

Инструментот за пристапување најпрво беше парафиран од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја информираше Владата дека сите земји-членки го имаат потпишано пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор.