Фото: Архива

Под слоганот „Заедно напред“ претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во рамки на изборната кампања ќе промовира две, како што дeнеска изјави, најважни политички цели, соопшти неговиот изборен штаб. Цели на претседателскиот кандидат претставуваат, внатре во државата да постои, да се одржува и да се унапредува меѓуетничката кохезија, со инклузија на сите етнички заедници во институциите на системот, а надворешно земјата мора да биде интегрирана во евроатлантските структури.

Според него, на овие избори како ретко кога е изразена разликата во однос на политичките цели кои секој од претседателските кандидати сака да ги постигне.

– Македонија како просперитетно, демократско и интегрирано општество и држава, тоа е мојата цел. Концептот на главниот политички опонент е концепт кој води во изолација, кој сака да ги поништи сите придобивки кои ги имавме во изминатите две години. Се борат за поништување на Преспанскиот договор, за поништување на Рамковниот договор, за блокирање на патот кон НАТО и ЕУ. Ние се залагаме за Македонија интегрирана во Европа и просперитетна држава со добра меѓуетничка кохезија внатре, а тие се залагаат за Македонија пред 2001 година, пред Рамковниот дговор или минимум за Македонија од 10 – те години на Никола Груевски, кога бевме изолирани и на Балканот, а не пак пошироко – соопшти изборниот штаб на Пендаровски.

Во соопштението се потенцира дека ако не сме демократија не може да напредуваме во интеграциите, ако не сме во интеграциите не може да бидеме демократија внатре. Без демократија, подвлече, нема ниту прогрес.

– Компромисите кои во меѓувреме ги направивме беа тешки, но нужни и беа единствен начин со зачувување на нашиот идентитетски комплекс да ги отвориме портите на Европа и на светот, да се интегрираме со модерните нации и држави и во кус временски период да станеме дел од нив, рече меѓу другото Пендаровски. С.Н.М.