ИНАУГУРИРАН ПЕТТИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВАТА

Иако во своето обраќање од собраниската говорница новиот шеф на државата, Пендаровски, изјави дека ќе ѝ подаде рака на опозицијата, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивниот лидер, Христијан Мицкоски, воопшто не бил поканет да присуствува на свечената седница. Но освен Мицкоски, на инаугуративната седница не присуствуваше ниту премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, кој испрати поздравна видеопорака

Ќе бидам претседател на сите граѓани, порача меѓу другото, Стево Пендаровски од вчерашната свечена седница во Собранието, на која беше извршена негова инаугурација, како петти претседател на државата. Пендаровски даде свечена заклетва на седницата, откако завчера од Државната изборна комисија доби и двојазично уверение (на македонски и на албански јазик) со кое му е официјализиран претседателскиот мандат. По заклетвата, новиот претседател имаше обраќање од собраниската говорница во кое прво се обврза дека ќе им биде претседател на сите граѓани: и на оние што гласале за него, и на оние што гласале за неговите противкандидати, како и на оние што не излегле на гласање.

– Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата. Ќе бидам претседател на сите граѓани. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина, која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток – изјави Пендаровски во своето обраќање.

Покрај тоа, новоизбраниот претседател на државата најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и во НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи. Според Пендаровски, толеранцијата кон криминалот и корупцијата ќе биде сведена на нула во текот на неговиот мандат, а поддршка ќе им даде и на граѓанскиот сектор и на медиумите.

На инаугурацијата присуствуваа досегашниот претседател Ѓорге Иванов, неговиот претходник Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, министрите во Владата, началникот на ГШ на АРМ, гувернерката на Народна банка, поглаварите на верските заедници, претставници на судската власт, на МАНУ… Стапувањето на должност на новиот македонски претседател го проследија и високи гости од регионот: бугарскиот претседател Румен Радев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот претседател Хашим Тачи, како и министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик-министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик-министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.

Иако во своето обраќање од говорницата Пендаровски изјави дека ќе ѝ подаде рака на опозицијата, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивниот лидер, Христијан Мицкоски, воопшто не добил покана за присуство на свечената седница. Но освен Мицкоски, на инаугуративната седница не присуствуваше ниту премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, кој испрати поздравна видеопорака до претседателот Пендаровски.

– Драг Стево, нека е честито. Успеавме. Граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Ти посакувам успех и верувам во конструктивна соработка во интерес на развојот. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава. Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе, и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ – вели Заев во видеопораката, истовремено нагласувајќи дека Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот.

Инаугурација се одржува во рамките на 96-та собраниска седница, која претседателот Талат Џафери ја водеше на албански јазик, а започна со интонирање на македонската химна.


Иванов: Функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува

Веднаш по инаугурацијата во Собранието, новиот претседател на државата Стево Пендаровски пристигна во претседателската вила „Водно“, каде што со сите државни и воени почести беше пречекан од досегашниот претседател Ѓорге Иванов. Во вилата „Водно“, на примопредавањето на функцијата, се одржа и средба во четири очи меѓу Иванов и Пендаровски, како и средба на двајцата претседатели со членовите на кабинетот.
– Со огромна чест, задоволство и одговорност ја извршував функцијата претседател на Република Македонија во изминативе десет години. Од срце му благодариме на македонскиот народ и на македонските граѓани за сета укажана доверба и поддршка. Останете во добро здравје и не заборавајте дека само сплотени, обединети и со меѓусебна почит ќе имаме просперитетна и успешна Македонија. Функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува – напиша на својот фејсбук-профил довчерашниот претседател Ѓорге Иванов само еден час пред предавањето на функцијата и напуштањето на претседателската вила на Водно.

Фото: Дарко Андоновски

Пратениците со различни очекувања

Веднаш по инаугурацијата, претставниците на пратеничките групи во Собранието ги искажаа своите очекувања од мандатот на претседателот Пендаровски.
Пратеничката од СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски, веднаш по инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски рече дека конечно државата ќе се оттргне од стегите на минатото и ќе тргне по европскиот пат, а прво што очекува е новиот претседател да ги потпише указите на блокираните закони за употреба на јазиците и за Преспанскиот договор.
– Убедени сме дека Пендаровски ќе води напред, ќе биде водилка на напредокот, развојот и интеграцијата во ЕУ и во НАТО и гарант на процесите, кои обезбедуваат сигурна и стабилна иднина – рече Ташевска-Ременски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ му посака успешен мандат на новиот претседател Стево Пендаровски, но пратеникот Антонио Милошоски изјави дека државата доби претседател избран со кредит и политичка хипотека.
– Доби политички кредит од политичари и партии, кои ќе очекуваат тој кредит да им се врати. Враќањето на тој кредит нема да биде од страна на Пендаровски, туку од политичарот со кого тој се согласува 102,5 отсто, според неговите зборови. Во наредниот период ќе видиме кои побарувања ќе стигнат на сметка на државата, Владата и на институциите. Таквото враќање на политичкиот кредит најмногу ќе ги разочара тие што со доверба и големи очекувања гласале за Пендаровски – порача Милошоски.
Во контекст на хипотеките и кредитите за кои зборува Милошоски, пратеникот Артан Груби од ДУИ, пак, изјави дека неговата партија нема да испорачува фактура за поддршката на Пендаровски.
– ДУИ беше пресуден, одлучувачки фактор во неговата победа, затоа нема зошто да испорачуваме фактури, бидејќи тоа е и наш кандидат што победи на овие претседателски избори. Најголемата „фактура“ што е испорачана е консензуалноста и победата на политиките на ДУИ и на претседателот Али Ахмети, кои ги поставивме во 2014 година. Поголема фактура од тоа не може да постои – одговори Груби на новинарско прашање во Собранието, веднаш по инаугурацијата.