Серијалот текстови што „Нова Македонија“ ги објавуваше изминатите денови и во кои беа претставени визиите и клучните поенти од обраќањата на повеќето светски лидери во ОН, го продолжуваме со обраќањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Какви пораки испрати Пендаровски од Њујорк?

Визиите за светот во храмот на меѓународната политика (3)

Пандемијата, конфликтите во светот, последните случувања во Авганистан, борбата против тероризмот, климатските промени во најголем дел беа во фокусот на обраќањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски во рамките на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, додека Македонија и нејзините блокирани евроинтеграции повеќе беа споменати во регионален контекст.
За македонскиот претседател актуелниот ќор-сокак во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е фрустрирачки за граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени.
Пендаровски уште еднаш предупреди дека таквата ситуација ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи.
– Крајно време е да ја преиспитаме сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, идејата за Европа, обединета, слободна и во мир. Дали актуелниот статус на европските интеграции во регионот е во согласност со визијата замислена од неговите основачи пред многу децении? Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговaтa европскa интеграциja – порача Пендаровски.

Говорејќи за Македонија, тој повтори што сè државава направила да ги реши отворените прашања со соседите и најави имплементирање на европските вредности дома, без да упати директна критика кон ЕУ за неисполнетите ветувања.
– Како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на Обединетите нации, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот. Ефектите од Преспанскиот договор, кој сега се спроведува, со добра волја, ќе бидат од корист и за нашите земји и за регионот во целина. Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка – рече Пендаровски, притоа додавајќи дека продолжуваат напорите за зајакнување на внатрешната стабилност и развој, функционално мултиетничко општество засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права.
Според Пендаровски, најдобриот можен придонес за поширока стабилност и напредок е имплементирање на сите овие вредности дома.
Во преостанатиот дел од обраќањето во ОН, македонскиот претседател говореше за пандемијата на ковид-19, притоа истакнувајќи дека полека се наѕира нејзиниот крај и дека со сите глобални проблеми светот може да се избори само со поголема емпатија, соработка и солидарност.
Пендаровски, меѓу другото, се осврна и на конфликтите во светот, со посебен акцент на случувањата во Авганистан и солидарноста кон авганистанскиот народ што ја покажа Македонија.

– Водена од чувството за морална обврска, како и солидарната одговорност, мојата земја, Северна Македонија, веднаш ја искажа својата подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето што долги години работеа за агенциите на Обединетите нации во таа земја. За стотици од нив веќе се обезбедени сигурно засолниште и услови за достоинствен живот – потсети Пендаровски.
Тој предупреди и на постојано присутните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, заложувајќи се за заедничка борба против овие зла.
Пендаровски нагласи дека пандемијата само потврдила оти јавното здравје, образованието и науката заслужуваат многу повеќе внимание за да може нивниот развој да биде системски, интегрален и одржлив.
Посебен акцент претседателот посвети и на климатските промени, како најголем предизвик на денешницата. С.Т.